Прва научна конференција на МФ и МАНУ за предизвиците на Ковид-19 и идните економски политики

- Advertisement -

„Предизвици на фискалната политика во периодот на пандемијата од Ковид-19 и перспективи во посткризниот период“ е темата на првата научна конференција што ќе се одржи денеска во организација на Министерството за финансии и Македонската академија на науките и уметностите.

Заедничката конференција меѓу Министерството за финансии и МАНУ е дел од активностите на Министерството за финансии за негување на инклузивниот пристап во дизајнирањето на фискалнaтa политикa и политиките за финансирање на економското заздравување и економскиот раст. Преку оваа научна конференција ќе се дебатира и разговара со научната фела и експертите од меѓународните финансиски институции (ММФ и Светската банка) за главните предизвици во дизајнирањето на фискалните политики на краток и среден рок. Наодите на академската заедница и меѓународните експерти ќе бидат земени предвид при подготовката не само на ребалансот за оваа година, туку и Буџетот за 2022 година, и воопшто, фискалната стратегија.

- Advertisement -

Конференцијата ќе започне со воведни обраќања на министерот за финансии Фатмир Бесими и  академик Таки Фити, по што ќе следува презентација на трудовите.

На конференцијата ќе учествуваат над 30 еминентни имиња од домашната економска експертска јавност, како и претставници на ММФ и на Светска банка. На листата на учесници со научни трудови, покрај министерот Бесими и академикот Фити, се вбројуваат и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, академици и поранешни министри за финансии кои воедно се и универзитетски професори.

- Advertisement -

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, ќе има заедничка презентација со Глигор Бишев, директор на Управниот одбор и генерален извршен директор на „Шпаркасе банка“ и со професорот Александар Стојков на тема „Како да се стимулира економијата во пост-Ковид-19 периодот?“.

Своја презентација ќе има и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска заедно со вицегувернерката Ана Митреска и директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување, Билјана Давидовска – Стојанова на тема „Пандемијата и левериџот на јавниот сектор – дали има пандемиска реоцена на ставовите/ризиците? Случајот на Република Северна Македонија“.

- Advertisement -

На тема „Фискални предизвици во посткризниот период – јавните инвестиции и зелениот раст“, свој труд од страна на МАНУ, ќе презентираат академик Таки Фити, со Марица Антовска-Митев и Татјана Дранговска.

На настанот свои трудови ќе презентираат и заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски заедно со Никица Мојсоска-Блажевски, претставникот на ММФ за РС Македонија и поранешен министер за финансии Драган Тевдовски заедно со Александра Наќева Ружин и Виктор Стојковски, поранешните министри Никола Поповски и Трајко Славески, советничката на Бесими, Ширет Елези, а свој труд ќе има и државниот секретар на Министерството за финансии, Јелена Таст заедно со Ванчо Узунов и Нина Фити-Неделковска.

Воедно трудови од академската фела ќе презентираат и академик Абдулменаф Беџети кој ќе презентира два труда – првиот заедно со Ѓилнаипе Беџети и вториот со Хирије Абази-Алили и Шпреса Алија. Академик Изет Зекири исто ќе има презентација на два труда, при што едниот е заеднички со Јетон Мазлами и Брикенд Азири. Свои трудови ќе презентираат и академик Гоце Петрески и професорот Владимир Филиповски.

Професорите Предраг Трпески, Борче Треновски, Билјана Ташевска и Сузана Макрешанска-Младеновска ќе презентираат два труда на различни теми.

По завршувањето на презентациите свое обраќање ќе имаат Фрејк Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегација на ЕУ Антон Мангов, претставник на ММФ и Сања Маџаревиќ-Шујстер, претставник на Светска банка, по што ќе следува дискусија со учесниците. Во овој дел ќе учествуваат и претставници на трите најголеми стопански комори.

(МИА)

(фото: МАНУ)

Сподели!
- Advertisement -