„ Smart bumps“, содржи технолошки решенија со кои лежечкиот полицаец ќе ги казни само возачите кои возат пребрзо, а не и совесните, кои ја почитуваат брзината. Ставањето на технологијата во функција на безбедноста и заштитата на животната средина беше препознаено и наградено со златен медал со ликот на Никола Тесла, на саемот за иновации во Белград
(Разговараше- Сања Наумовска)
Безбедни сообраќајници, кои нема да ги нервираат возачите, е идејата која го поттикна македонскиот иновативен тим на Smart Traffic Safety Systems (STSS), да создаде паметен „лежечки полицаец“. Иновативната идеја, претставена преку проектот „ Smart bumps“, содржи технолошки решенија со кои лежечкиот полицаец ќе ги казни само возачите кои возат пребрзо, а не и совесните, кои ја почитуваат брзината. Ставањето на технологијата во функција на безбедноста и заштитата на животната средина беше препознаено и наградено со златен медал со ликот на Никола Тесла, на саемот за иновации во Белград. За плановите за развој на ова иновативно решение за „Иновативност“ зборува Наташа Зафировска, проектен менаџер во STSS.
- Г-ѓа Зафировска, од каде доаѓа идејата да направите иновација токму во оваа област?
Лежечките полицајци се реалност која на многумина не им се допаѓа и предизвикуваат незадоволство кај возачите, но сите ги толерираме бидејќи спасуваат животи. Нашата идеја започна од прашањето дали мора тоа да биде така, односно, како да се избегне незадоволството, а да се задржи и да се истакне позитивната страна на лежечките полицајци. Првиот лежечки полицаец е поставен во 1906 година во Њу Џерси и оттогаш не се значајно променети. Ние тргнавме токму од таа точка, каде е технологијата денес и што може таа да промени и да влијае да се надминат негативните аспекти. Во тоа време почна да се оформува и нашиот тим, го направивме првичниот дизајн за кој верувавме дека ќе функционира и решивме да го изработиме првиот прототип. Функционираше добро и тоа беше потврда дека сме на вистинскиот пат.
- Како функционира паметниот лежечки полицаец и како ги препознава возачите кои возат пребрзо?
Истражувањата покажале дека кога ќе се постават лежечките полицајци, повеќето возачи ја почитуваат пропишаната брзина и возат бавно. Тоа значи дека лежечките полицајци непотребно ги малтретираат совесните возачи. Добрата страна на лежечките полицајци, во споредба со другите видови на контрола на сообраќајот, како полициски контроли или слично е во ефикасноста, бидејќи препреката нема опција да се избегне, секогаш е тука и стопроцентно си ја врши улогата на забавување на возачите и зголемување на безбедноста. Разликата меѓу стандардните и нашите иновативни лежечки полицајци е што паметната препрека ќе го „казни“ само возачот што не ја почитува пропишаната брзина. Нашата нова иновативна технологија содржи сензор пред лежечкиот полицаец кој ја мери брзината на возилото и микроконтолер кој одлучува дали тој ќе биде легнат или подигнат, во зависност од брзината со која се движи возилото. Ако вози бавно, возачот нема ниту да забележи дека тука има лежечки полицаец. Но, доколку вози побрзо, лежечкиот полицаец ќе биде подигнат и тогаш ја има истата функција како и стандардните лежечки полицајци кои ги имаме на нашите улици.
Во исто време со паметните лежечки полицајци се избегнува стоп/старт однесувањето на возачите (кочење и повторно забрзување). Стоп/старт однесувањето заради лежечките полицајци е одговорно за зголемување на загадувањето со ПМ честички за 47 отсто и со CO за 60 отсто, но и за зголемување на потрошувачката кај возилата. Еден типичен лежечки полицаец е одговорен за преку 8 тони дополнително потрошено гориво годишно. За сето ова има сé поголема свесност ширум светот. На пример во Велика Британија има кампањи со кои се става акцент на тоа дека лежечките полицајци иако придонесуваат за безбедноста, многу придонесуваат и за зголемување на загаденоста на воздухот.
- Како се развиваше идејата од почеток па до изработката на конечниот прототип, кој наскоро треба да се тестира на улиците во некој од македонските градови?
Првичната идеја постои од поодамна, а конкретно прототипот го развиваме во последните две години. Во тоа време дизајниравме и тестиравме неколку генерации на прототипови со различен начин на функционирање и сега го имаме финалниот прототип кој планираме да го поставиме на улица за тестирање во живо. Во моментов го имаме основниот модел на продуктот, за кој ќе треба да видиме како ќе биде прифатен на пазарот. За во иднина размислуваме за начините за негова надградба.
- Кој е тимот што стои зад проектот „Smart bumps“?
Кога почнувавме со нашата авантура, не бевме свесни дека нашата идеја ќе генерира толку многу интерес меѓу нашите пријатели и околината. Среќни сме што работиме на интересен проект кој ни донесе многу соработници. Многу луѓе имаат дадено свој придонес во концептот, но главниот тим се состои од неколку искусни инженери со комплементарни профили, односно имаме тројца машински инженери и двајца електро инженери.
- Препреките дозволуваат специјализирани возила, како на пример Брзата помош, сепак, да се движат со поголема брзина, како и други прилагодувања на потребите на сообраќајот. Како е регулирано тоа?
Прилагодувањето на паметните лежечки полицајци на брзината со која се движат специјализираните возила, како на пример Брзата помош е дел од една понапредна технологија, која обезбедува многу пософистицирани услуги.
Бидејќи е паметен, на лежечкиот полицаец може да му се додадат и голем број напредни функции. Може да ни понуди, на пример, податоци за различни статистики, како бројки колку возила поминуваат на конкретна сообраќајница, во кој дел од денот има најголем метеж, со каква брзина се движат автомобилите… Исто така може да се прилагоди брзината која препреката ќе ја санкционира, во зависност од периодот во денот, на пример, преку ден да биде 30 километри на час, а ноќе 50 километри на час, од причина што ноќе на таа улица нема деца, па може и побрзо да се вози. Друга напредна функција е и со брзината на специјални возила (пр. Брза помош), кои системот ги распознава преку транспондери и лежечкиот полицаец ги пропушта иако се движат со поголема брзина.
Исто така лежечките полицајци, според македонските закони, не смеат да се поставуваат на улици каде што поминува јавен превоз, без разлика дали таму има вистинска потреба за забавување на сообраќајот. Со паметните лежечки полицајци се решава овој проблем, бидејќи за градските автобуси кои ја почитуваат брзината, лежечкиот полицаец нема да се подигне.
- Граѓаните многу често се жалат и на локациите каде се поставуваат лежечките полицајци. Каде сметате дека ќе треба да има паметни препреки?
Секаде каде што има потреба да се забави сообраќајот. Тоа се резиденцијални делови од градови, во близина на училишта, градинки, молови… или со други зборови области каде што е потребна поголема безбедност во сообраќајот. Она што ги истакнува паметните препреки е што тие не ги малтертираат возачите, ниту пак им го отежнуваат возењето. Се додека возилата се движат со пропишаната брзина, тие не ги ни забележуваат, а сепак си ја вршат функцијата. Уште една предност на паметните препреки, за разлика од стандардните, е заштитата на животната средина и заштедата на гориво и штедење на ресурси, со што за кратко време се враќа инвестицијата вложена во интелигентниот лежечки полицаец.
- Кога може да очекуваме паметниот лежечки полицаец да се постави на улица?
Имаме направено неколку прототипови, кои се тестирани и преку кои дојдовме до најновиот, кој го сметаме за финален. Во моментов преговараме со некои скопски општини за да го поставиме на улица и да го тестираме во вистински сообраќај. Истовремено се обидуваме да најдеме извор на финансии, за да се покријат трошоците на изградба на неколку препреки, кои би биле монтирани на повеќе локации и на тој начин тестирани во вистинска смисла.
- Дали проектот „Smart bumps“ има финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој?
Од Фондот за иновации добивме финансиска помош во нивниот прв повик и тоа многу ни помогна во изработката на прототиповите. Преку Фондот ни се обезбедени и повеќе обуки и контакти со експерти од странство, кои секогаш ни помагаат. Тимот на Фондот е многу посветен, професионален и секогаш полн со ентузијазам.
Што се однесува до средства за комерцијално производство, се уште преговараме и тоа со инвеститори надвор од државата, поточно од Германија и од Велика Британија. Очекуваме наскоро да обезбедиме средства и да започнеме да работиме по комерцијални услови, превенствено на домашниот пазар. Секако, таргет ни се и странски пазари, особено ЕУ и Блискиот Исток.