14.8 C
Skopje
среда, ноември 20, 2019

ПланУМ, македонскиот интерактивен прирачник за деца отсега и на српскиот пазар

Kabtel desktop

ПланУМ Приказна, интерактивниот прирачник за деца на возраст од 8 до 18 години, пред една година излезе на македонскиот пазар, а деновиве доби свое издание и во Србија

(Разговараше – Верица Јорданова)

Раскажете ни како до дојде до овој пробив на српскиот пазар?

Два месеци по објавувањето на ПланУм Приказна во Македонија се случи Белградскиот Саем за Книга, октомври 2017 год. Познавајќи го и лично опусот и стилот на Креативни Центар – најреномираната издавачка куќа во Србија кога е во прашање литературата за деца, одлучив да им го презентирам делото кое е производ на моја лична фрустрација а тоа е организацијата на време и обврски, мои и на моите деца. Можеби луѓето мислат дека креативните решенија настануваат во идеални услови, но всушност фрустрацијата е мајката на сите практични изуми.

Со сета страст за производот кој и самата го користам, го презентирав делото на уредничката екипа. Издавачката куќа од Македонија – ТРИ ги потврди бројките кои на локалниот пазар се покажаа многу позитивни и укажуваат на потенцијалот за продажба. По неполн месец Креативни Центар пројави интерес да го издаде ПланУМ. Договорот за откупување на правата за издавање беше набрзо постигнат но го чекавме идеалниот момент за издавање и официјална промоција на еден ваков прирачник, а тоа е почетокот на школската година.

Какви се првичните реакции на српскиот пазар? Како е прифатена ПланУМ Приказна?

Српскиот пазар е далеку позрел од македонскиот кога станува збор за културата на читање книги. Но тоа не е никаква гаранција дека едно дело ќе се продава добро, напротив, конкуренцијата е силна, а читателите се со истенчен вкус. Но она што го издвои ПланУМ во морето на понуди е пред се неговиот оригинален концепт: содржински, илустрациски, но и комуникациски. ПланУМ е повеќе од автор и приказна, ПланУМ е решение спакувано во производ…. ПланУМ е веќе бренд.

На овогодинешниот Белградски саем на книга, издвоен е помеѓу 5те најатрактивни дела на издавачаот. Таму, во четврток 25.10, на школскиот ден, најавено е дружење на ПланУМ со верните и потенцијални ПланУМЦИ.

Деновиве имавте и работилница со деца. Дали можеби ПланУМ Приказна ќе добие уште една димензија?

 ПланУМ Приказна со сигурност не е производ за мрзеливи деца, а уште повеќе за мрзеливи родители. ПланУМ е забавната зоната каде може да се сретнат двете страни и притоа да поминат квалитетно и конкструктивно време заедно но изискува љубопитност и активна работа. А зад секое љубопитно дете, стои супер посветен родител кој ја стимулира неговата интелектуална и социјална надградба на многу суптилни начини. ПланУМ е еден од нив, а за да се откријат неговите целосни потенцијали од голема корист се работилниците. Една успешна работилница се одржа неодамна поради што сме во подготовка на уште неколку од истиот карактер, повторно во Белград но за прв пат и во Скопје. Набрзо ќе ги најавиме а она што ќе можат да го очекуваат посетителите (родители и деца) е непосредност, забава, блискост, рушење табуа, кршење мраз, интересни прашања и дилеми и уште поинтересни одговори и решенија. Зошто ПланУМ е пред се аситент при растење и созревање а алатката за планирање е бонус –  или зајакнување на одговорноста преку која се градат самостојни деца.

Што би им препорачале на родителите во поглед на полесно организирање на активностите и обврските на своите деца но и на самите себе?

Свртете го тркалото на вредности, приоретизирајте и запишувајте! Мастилото на хартија има непроценлива терапевтска моќ да го сталожи човека но и да му развие фокус и одговорност.

Дали ПланУМ Приказна ќе се шири и на други пазари?

Во период сум кога не можам да дедицирам време исклучиво за тоа, туку работам на други проекти кои ми оневозможуваат да го “прошетам” ПланУМ по туѓи територии и пазари. Верувам во неговиот потенцијал и знам дека трудот во тој правец ќе се исплати. Самоиницијативно српската издавачката куќа го направи тоа на овогодинешниот саем за книга во Фракнфурт. Позитивни вести од нив ќе бидат повеќе од добредојдени.

Кои се вашите актуелни планови на професионален план?

Во моментов сум ангажирана од страна на една иновативна српска стартап компанија со која развиваме производ за деца кој е од едукативен карактер а има за цел да ги развива вештините на иднината која веќе полека почнуваме да ја живееме. Со нетрпение очекувам да го споделам финалниот производ кој би сакала да го направиме достапен и за Македонскиот пазар. Подготвувам ко-авторски уште две книги кои ќе бидат освежување на пазарот. Ќе излезат непосредно една по друга во наредната половина година.

Во план се и други интересни проекти но со оглед на тоа дека се во фаза на зачеток би ги коментирала откако ќе биде извесна нивната реализација, на која сум максимално посветена бидејќи ги почнувам со луѓе со кои делам исти вредности и ентузијазам.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •