АНАЛИЗА: Технологијата во прилог на медицината – каква иднина се навестува?

- Advertisement -

Во последно време најзвучни се предупредувањата за опасноста од преголемиот развој на технологијата по животот на луѓето. Има многу гласноговорници кои тврдат дека доколку претераме со развојот на технологијата и автоматизацијата, ќе се соочиме со навистина мрачна иднина. Сепак, не е се толку црно!

Благодарение на развојот на технологијата на научниците и истражувачите им се отвораат нови можности за откривање и развој на нови помагала за лекување, на нови револуционерни лекови. Значи не е проблем развојот на технологијата туку луѓето во чии раце се наоѓа таа технологија и како ќе ја употребат.

Еден од мноштвото позитивни примери кои во блиска или подалечна иднина навистина ќе го олеснат животот на луѓето е лекот Tideglusib. Tideglusib функционира така што ги стимулира клетките во пулпата на забите, која е извор на дентин. Дентинот е минерализирана супстанција под глеѓта на забите која се нагризува поради расипување на забите. Забите можат природно да го регенерираат дентинот без некаква помош, но само во одредени околности. Tideglusib го спречува креирањето на ензимот GSK-3, кој го стопира формирањето на дентинот.

- Advertisement -

„Ѕвездени патеки“ и другите научно-фантастични филмови често ни откриваа медицински гаџети кои со лесни и магични потези низ воздухот можат брзо и безболно да ги затворат раните. Секако, нив секој би сакал да ги има при рака доколку се повреди, а додека уште чекаме на таквата иднина, стартапот KitoTech Medical од Сиетл не носи малку поблиску до таквата реалност.

Стартапот разви медицински уред microMend, кој преку раните се става едноставно како фластер, а има цврстина на шевови. Откако ќе се стави преку раната тој ги спојува повредените места за да можат побрзо да заздрават и сето тоа без дополнително оштетување на кожатa. Паметниот фластер спречува инфекции и воспаленија затоа што може да го покрие секој дел од раната и така дополнително да ја заштити.

- Advertisement -

До крајот на ноември минатата година само во САД имаше потврдени 7.000 случаи на болни од грип, што е двојно повеќе од претходната година. Истражувачи од Медицинската школа на Универзитетот на Вашингтон се надеваат дека повеќе нема да има потреба од вакцина за грип, а решението е ДНК вакцина.

Оваа вакцина ќе обезбеди долготрајна заштита од сите видови вируси на грипот, дури и доколку вирусите се менуваат генетски. ДНК вакцината ќе им дава наредби на клетките од кожата да генерираат антигени и лимфоцити за да се борат со грипот. Со пиштол вакцината ќе се става директно во кожата. Благодарение на оваа вакцина луѓето нема да мора да се грижат за грипот секоја година.

- Advertisement -

Лек првично наменет да се третира рак на дојка и дијабетес има неочекувани и корисни ефекти. Научници открија дека една доза „тродускемин“ целосно може да излечи артериосклероза, болест која се дефинира како масни наслаги во артериите. Ова откритие отвора опции за нови превентивни лекови за срцев удар и мозочен удар.

Артериосклероза е акумулирање холестерол на ѕидовите на артериите, односно масни наслаги кои со тек на време се стврднуваат и ги стеснуваат артериите. Тоа го ограничува протокот на крв богата со кислород  низ телото и доведува до сериозни здравствени проблеми.

Развојот на вештачката кожа еднакво е важен за изработка на „меки роботи“ како и за подобрување на протетиката. Во последно време научниците прилично се трудат да ја опремат вештачката кожа со сензори на допир и притисок, но тие системи не можат да разликуваат јачина на притисок.

Научници од Универзитетот за наука и технологија од Хуажонг дојдоа до решение со тестирање на медузи кои под притисок емитуваат светлина како да се нападнати. За да ги имитираат медузите научниците поставија тенки сребрени жици и растеглив материјал кои можат да создаваат елетктрични сигнали кога се под доволно силен притисок.

Нивото на притисок на кое вештачката кожа реагира со осветлување е истиот на кој човекот чувствува болка, што значи дека ваквиот материјал може да има голема улога во производството на сензори кои би можеле визуелно да презентираат болка и да ги предупредат роботите на оштетување.

Еве една иновација и за најплашливите пациенти!

Стартап компанијата Portal Instruments почнува со комерцијализација на своето истражување. Тие произведоа инјектор без игли, кој ќе ја намали болката и анксиозноста на луѓето кои од различни причини треба да примаат инјекции , а ќе олесни и ќе ја забрза и процедурата на инјектирање за докторите и за медицинскиот персонал.

На ТВ, на Интернет, на часови по сексуално образование постојано се зборува за употребата на контрацепција кај жените и заштитен сексуален однос. Сега има нешто што ќе може да го користат и одговорните мажи.

Првото средство за контрацепција кај мажите кое се нанесува како лосион драматично ќе го намали бројот на спрематозоиди. По речиси цела деценија истражувања, научници од САД ќе почнат да го тестираат гелот за контрацепција кај мажи во април идната година.

Гелот треба да се мачка на рацете и на рамената секој ден. Досегашните тестирања во текот на шест месеци се покажаа успешни – кај 89% од мажите кои учествувале во истражувањето бројот на сперматозоиди се намалил на помалку од 1 милион на милилитар, што е многу мал број за да може жената да забремени, додека кај 78% од мажите целосно изостанало производството на сперма.

Замислете некој да доживеал сообраќајна незгода и има повреди на белите дробови, кои се еден од најнежните органи на телото и најтешките за лекување. Научници од Универзитетот во Сиднеј развија медицински лепак наречен MeTro и тврдат дека лепакот ги затвoра раните за 60 секунди.

MeTro функционира на принципот на течност, односно ги пополнува празнините и се прилагодува на формата на раната. Лепакот MeTro досега успешно има зацелено исекотини на артерии на глувци и на бели дробови на свињи без да има потреба од шиење. Тој е комбинација на технологии за природен еластин и молекули чувствителни на светлина, кои се производ на две различни студии. Еластичноста му овозможува да допре до тешко достапни места, за кои вообичаено се потребни конци.

Седнувате да го допиете отвореното шише вино со вечерата само затоа што е отворено и не сакате да пропадне? Во иднина тоа нема да ви се случува затоа што ќе има таблети кои ќе ве одвикнат од пиење алкохол. Arbaclofen placarbil е таблета која веројатно ќе се најде на пазарот до 2020 година, а ќе им помогне на луѓето да намалат со пиењето.

Производителите на таблетата велат дека ќе биде пред се наменета за луѓето кои често ги надминуваат препорачаните дози алкохол, но не признаваат дека имаат проблеми со пиењето. Таблетата-чудо функционира така што влијае врз делот од мозокот кој создава задоволство кога се консумира алкохол. Досегашните лекови делуваа така што ги блокираа ефектите на алкохолот врз рецепторите на мозокот.

Ако судиме според овие примери, човештвото не само што го очекува светла иднина во поглед на медицината и долготрајноста на животниот век, туку ќе се смени и начинот на размислување на луѓето за многу проблеми на денешницата.

Сподели!
- Advertisement -