Хемикалија пронајдена во темно чоколадо би можела да помогне во забавување на стареењето, сугерираат научниците. Студијата ги испитувала нивоата на теобромин – соединение кое се наоѓа во растението какао – во крвта и ги споредила со маркери на биолошко стареење, кои покажуваат колку е старо телото во однос на здравјето и функцијата, а не со годините на живот.
Иако експертите не би ги советувале луѓето да јадат повеќе чоколадо, тие рекоа дека наодите би можеле да помогнат во откривањето на секојдневната храна што содржи индиции за поздрав и подолг живот.
Теоброминот е релативно неистражен диететски фитонутриент, кој е поврзан со здравствени придобивки и зголемен животен век, велат научниците. Сепак, има ограничено истражување за неговите ефекти врз луѓето.
Анализата, спроведена од експерти од Кингс колеџ во Лондон, вклучувала 509 лица во Велика Британија и 1.160 лица од студијата Кора во Германија. Научниците рекоа дека пронашле „значајна поврзаност“ помеѓу нивоата на теобромин во крвта и побавното биолошко стареење.
Главниот научник на Кингс колеџ во Лондон, Рами Саад, кој е и доктор по клиничка генетика, вели: “Ова е многу возбудливо откритие, а следните важни прашања се што стои зад оваа врска и како можеме понатаму да ги истражиме интеракциите помеѓу метаболитите во исхраната и нашиот епигеном? Овој пристап би можел да нè доведе до важни откритија за стареењето, а пошироко, за честите и ретките болести“.
Џордана Бел, професорка по епигеномика на Кингс колеџ во Лондон, рече: “Нашата студија наоѓа врски помеѓу клучна компонента на темното чоколадо и подолгото останување помлади. Иако не велиме дека луѓето треба да јадат повеќе темно чоколадо, ова истражување би можело да ни помогне да разбереме како секојдневната храна може да содржи индиции за поздрав и подолг живот“.
Научниците тестирале и други молекули пронајдени во какаото и кафето, но тие сугерираат дека ефектот е специфичен за теоброминот.
Тимот сега истражува дали ефектот врз биолошкото стареење е единствен за теоброминот или дали соединението реагира со други хемикалии во темното чоколадо, како што се полифенолите. Полифенолите се моќни антиоксиданси кои се наоѓаат и во овошјето, зеленчукот, чајот, кафето и виното.
(Zimo)






























