Една од најголемите новини на годинашниот Саем за потрошувачка електроника во Лас Вегас беше прототип телефонот на компанијата Vivo, прв во светот со скенер за отпечатоци поставен во дисплејот. Овој прототип потоа почна да се продава во Кина како X20 Plus UD. Сега компанијата Vivo претстави нов концепт на Mobile World Congress во Барселона кој е наредна еволуција на таа идеја.
Концепт телефонот се вика Apex и најбитна особина кај телефонот е технологијата за скенирање отпечатоци поставена во половина екран. Идејата е наместо да го ставите прстот на малечка икона на екранот за да го отклучите телефонот, да имате поголем простор на екранот, пишува The Verge.
Кај Apex може да го скенирате отпечатокот на кој било дел од една третина од екранот. Оваа површина е доволно голема за да го потврди напредокот ан технологијата. Можете истовремено да наместите скенирање на отпечатоци од повеќе прсти за поголема безбедност или двајца да можат да го отклучуваат истиот телефон.
Vivo сака целосно да ја исфрли рамката на предниот дел од телефонот каде што стои звучникот и селфи камерата, па за таа цел има две иновативни решенија. Селфи камерата е сокриена во телефонот и се подигнува како перископ по потреба , а подготвена е за фотографирање за само 0,8 секунди. Звучникот, пак, е заменет со пизоелектричен дизајн, односно слично на технологија за проводливост на коски. Целиот екран вибрира како звучник за да можете да разговарате на телефон и да слушате кога ѕвони.
Apex засега е само концепт и од Vivo велат дека немаат планови да направат вистински производ, но ништо од тоа што го има овој концепт телефон не е невозможно или неизводливо.