На 30. јубилејно издание на Саемот на книгата 2018, кој ќе се одржи од 3 до 9 мај во ВИП Арена „Борис Трајковски“ ќе се претстават 70-тина издавачки куќи од Македонија и од регионот (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија). Саемот се организира под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.
Скопски саем како организатор на Саемот на книгата 2018, покрај изложбено-продажниот дел на саемот ќе адаптира посебен простор во халата-Промотивен центар за потребите на издавачките куќи каде секој ден од 3. до 9. мај ќе се одвиваат различни настани, промоции, дружби со автори, семинари. Во рамки на програмата на Промотивниот центар влегува и доделувањето на наградите во организација на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), во сабота на 5 мај, во 18 часот како и доделувањето на награди организирано од страна на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ), во вторник на 8 мај во 19 часот.
Сите кои ќе го посетат Саемот на книгата од 3. до 9. мај ќе можат да ги проследат промоциите кои ги организираат издавачките куќи на своите штандови, но и да ги видат сите нови наслови, како и да набават книги со големи саемски попусти до 70 отсто.
За подобар пристап до Саемот за книгата, на барање на Скопски Саем, ЈСП Скопје воведе две нови автобуски линии во периодот на одржување на саемот од различни краеви на Скопје со број 100/1 и 200/1 кои ќе водат до ВИП Арена “Борис Трајковски”, а влезот за сите групни, организирани посети ученици ќе биде бесплатен. Работното време на саемот е од 10:00 до 20:00. Цената на редовната влезница изнесува 30 денари.