Xiaoice е најновата креација на Microsoft. Станува збор за вештачка интелигенција која има сладок глас, може да коментира податоци за временски услови и да најавува големи настани, а од неодамна си најде и работа. Xiaoice ќе работи како ТВ презентер на времето на кинеската утринска програма во живо Morning News. Ова е првиот робот кој има ваква работа, пишува Daily Mail.
Нејзиниот глас звучи почовечки отколку сите други досега и поради успехот на Xiаoice сега вработените во телевизијата се прашуваат каква е иднината на нивните кариери. Роботот тежи 29 кг и висок е 1,21 метри, а од 6 јуни ќе работи како водител на телевизијата Nanning.
Morning News го додаде роботскиот софтвер во нивната програма во живо, каде што секој ден ќе го презентира времето. Иако за Xiaoice ова е телевизиско деби, роботот веќе стекна популарност на платформите WeChat, Weibo и JD.com. Роботот доби оценка 4,32 за природноста на изговорот, што е сосема солидно во споредба со 4,76 за еден човечки глас.
Со помош на техники за длабинско учење преку Smart Cloud и Big Data, Xiaoice ќе може да го анализира времето и да дава прогнози во живо. Ќе биде опремена и со технологија која ќе и овозможи да дава и емоционални коментари. Роботот е резултат на соработка меѓу Microsoft Applications & Services Group East Asia и Shanghai Media Group (SMG) TV News Center.