McDonald’s ги отстранува пластичните цевки од рестораните во Велика Британија и Ирска

- Advertisement -

McDonald’s се вклучува во борбата со пластичниот отпад со преминувањето од пластични на хартиени цевки за еднократна употреба во рестораните во Велика Британија и Ирска, пренесе BBC.

Промената ќе стапи на сила од септември, најверојатно во сите ресторани на американскиот синџир за брза храна, бидејќи тестирањата направени во Британија и Ирска покажале дека клиентите на големо го поддржуваат овој чекор на компанијата.

„Свесни за јавната дебата која се води за пластиката за еднократна употреба, нашите купувачи покажуваат дека сакаат од нас како компанија да не користиме повеќе пластични цевки без да го нарушиме нивното искуство во нашите ресторани.“, изјавил Пол Помрој, извршен директор на McDonald’s UK and Ireland.

- Advertisement -

McDonald’s користи 1,8 милиони пластични цевки секој ден во своите 1.361 ресторани во Британија и Ирска, а од компанијата најавуваат дека комплетната замена ќе биде завршена во 2019 година.

Пластичните цевки за еднократна употреба се шести најчести типови на отпадоци на глобално ниво, според Litterati, апликација што го идентификува и мапира ѓубрето. Само 1% од цевките се рециклираат, главно поради тоа што се направени од мешавина од полипропилен и полистирен.

- Advertisement -

Еден милион птици и повеќе од 100.000 морски цицачи секоја година умираат од јадење пластика или се заплеткале во пластичен отпад. Истражувањата покажуваат дека до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика отколку што е тежината на рибите.

Неколку големи синџири за ресторани во Велика Британија, како што се Pizza Express и Wagamama, веќе престанаа да користат пластични цевки, а повеќе од 40 компании, вклучувајќи ги Coca Cola, Nestle, Unilever, Procter&Gamble претходно оваа година ветија намалување на количината на пластика што ја користат и фрлаат.

- Advertisement -

Серијата на обврски кои се преземаат за да се елиминира пластиката за еднократна употреба е поврзана и со одлуката на Европската унија од минатиот месец да се забрани употреба на 10 пластични предмети за еднократна употреба како пластичен прибор за јадење и цевки најдоцна до 2030 година, во обид да ги исчистат океаните од пластичниот отпад.

 

Сподели!
- Advertisement -