Можното излегување на Британија од Европската унија без договор, односно т.н. тврд Брегзит, наведе неколку компании да почнат со подготовки за евентуалните пореметувања кои би можеле да настанат.
Поради ризикот дека Обединетото Кралство на 29 март ќе ја напушти унијата без договор за „развод“, компаниите Kellogg’s и Mondelez International прават залихи од производи. Како што се наведува, компаниите сакаат да ги заштитат Британците од потенцијално снемување на чипсот Pringlеs, BelVita кексот и чоколадите Milka.
Kellogg’s е познат по чипсот Pringlеs. Компанијата сега отвора нови магацини и прави залихи од своите грицки и од житарките (снегулки, мусли, корнфлејкс) со надеж дека така ќе ја ублажи штетата од потенцијалниот застој на британската граница и увозните царини. Исто така, соработува со доставувачите на обезбедување доволни количини суровини за своите фабрики.
Синџирот Kellogg’s е изложен на можните последици од Брегзит и како пример оттаму наведуваат дека чипсот Pringlеs, вториот најпопуларен бренд во Британија после Walkers на Pepsi, се произведува во Белгија. Pringles, кој може да се чува во залиха до 15 месеци, минатата година на британскиот малопродажен пазар оствари приходи од 342,6 милиони долари.
Од друга страна, уште поизложен на последиците од Брегзит е бизнисот на Kellogg’s со житарки, кој е најголем во Западна Европа, со удел од 23,2% минатата година, бидејќи во Велика Британија компанијата има повеќе големи фабрики. Континентална Европа лани во вкупната продажба на житарки имала удел од 18%.
„Во ЕУ без гранични бариери бизнисот се одвива фино, но во една средина со царини, во услови на тврд Брегзит, тоа ќе се промени и мора да се подготвиме за тоа“ велат од Kellogg’s.
Истовремено, компанијата Mondelez се подготвува за мек Брегзит со надеж дека британските и европските политичари ќе постигнат договор во последен момент. „Според грубите проценки, очекуваме дека ќе дојде до пореметување во транспортот на производи во траење од 3-4 недели“ велат од Mondelez.
Mondelez ги зголеми складишните и превозните капацитети во Британија и направи многу залихи од сите производи кои се произведуваат во Европа, вклучувајќи го кексот ВelVita и чоколадите Milka. Според компанијата, не планираат покачување на цените, но сериозна девалвација на британската фунта би можела да ја направи нивната роба доста скапа.