Интервју со психолог Деспина Стојановска за улогата на технологијата во животот на децата!
Кој е Вашиот општ став во врска со тоа децата да се во допир со технологијата?
Децата растат во време кога технологијата е во постојан подем и ние возрасните, должни сме да гледаме со почит кон разликите од „нашето време“ и сега. Не сме во можност да ги видиме дострелите кои иднината ќе ги има, па затоа и не можеме со сигурност да кажеме дали треба да се дозволи, да се забрани или делумно да се користи технологијата. Мојот став е да се регулираaт времето и начинот на користење на електронските уреди, но не и да се забранува целосно, бидејќи на тој начин влијаеме на припадноста на детето во оваа сегашност. Можеби е талентирано за компјутери, можеби тоа ќе биде негова професија, тоа е начинот на кој сега се осознава светот и се комуницира со врсниците.
Жално е што сѐ помалку се негуваат непосредните контакти со пријателите, врсничката група, па дури и роднините, а за тоа сме одговорни ние возрасните. Доколку денот на детето е исполнет со активности и добро временски организиран, се намалува ризикот за целосно владеење на негативните последици од користење електронски уреди, а тие се отуѓување на детето од околниот свет, зависничко однесување и заостанување во развојот на физички и емоционален план. Сепак, ние луѓето сме социјални битија и неопходно е да живееме со другите луѓе.
Ако сметате дека е неизбежно да им се дозволува на децата да бидат во допир со некаков електронски уред (телефон, таблет…) колку време сметате дека треба да му биде дозволено?
Ограничување на времето поминато на телефон, таблет и сл. неопходно е да се регулира од страна на возрасните, а колку време ќе биде дозволено зависи од возраста на детето. Родителот е тој кој ја има моќта да наметне ритам, но уште поважно е да остане доследен на одредените правила. Практиката кажува дека родителите се први кои почнуваат да прават отстапки и да попуштаат пред барањата на детето, а со тоа и да го погазат правилото. Причини за ваквите отстапки се инсистирање на детето и немоќ на родителот да се справи со ситуацијата, а другата причина се комодитетот и слободата кои родителот ги има додека детето игра на компјутер или телефон. Но, ако не се посвети време на детето додека е мало и го гради својот вредносен систем, во иднина, кога ќе биде адолесцент, родителот ќе има многу повеќе грижи околу него. Родителот е одговорен да создаде свој распоред во кој ќе го вклучи времето поминато со детето што ја намалува потребата од седење пред таблет.
Доколку предучилишно дете и дете вклучено во основно образование, користи електронски уреди или игра видео игри повеќе од час и половина или два часа на ден, веќе е вклучен алармот за родителот да интервенира.
За тоа време поминато на интернет, какви содржини треба да консумира детето? Едукативно–забавни или по негова желба?
Досега во мојата работа со семејства, не сретнав родител кој води целосна контрола за содржините кои детето ги следи на интернет. Тоа не значи дека не постојат такви родители, но сигурно се поретки од другите кои допуштаат детето да се води по сопствен избор. Но, затоа многу често работам со родители чии деца пројавуваат различни симптоми, најчесто интензивен страв, откако биле изложени на несоодветни, застрашувачки содржини на интернет. Тоа укажува на потребата родителот да биде активно вклучен во изборот на игри, видеа, слики и сл. на интернет. На пример, на Youtube има опција Autoplay што може од наивни детски содржини да ги одведе децата во многу непожелни содржини, доколку не се контролирани.
Секако едукативните содржини се најдобриот избор, но во нив потребно е да има забавни и изненадувачки елементи за да го задржат вниманието на детето. Исто така, потребно е да бидат избрани содржини соодветни на возраста на детето.
Дали сметате дека апликацијата 5+ на Македонски Телеком и Охо ќе им помогне на децата преку забава да научат многу нови работи?
Секое детство памети свој херој. Ми се допаѓа што за денешните деца тоа е Петко, бидејќи неговите карактеристики, вредносниот систем кој го гради, начинот на кој се изразува и комуницира, претставува модел од кој децата можат да научат добри работи.
Во однос на 5+ апликацијата, која имав прилика целосно да ја разгледам, би кажала дека ги вклучува едукативниот и забавниот елемент. Посебно ми го задржа вниманието начинот на кој се осмислени игрите и градација на нивната сложеност. Тоа опфаќа и еден друг аспект, развој на когнитивните способности на детето, ја поттикнува љубопитноста и воедно, преку интересни содржини, имплицитно гради позитивни вредности во сликата на детето.
Дали би предложиле нешто да се додаде/одземе од апликацијата и сметате дека не е соодветно за децата?
Во контекст на веќе кажаното, би напоменала дека оваа апликација ја има мојата целосна поддршка, но сепак тоа повторно е време поминато на телефон. Во оваа насока би ја искористила улогата на Петко и довербата што децата ја имаат во него, па би ги поттикнала самите да ограничат колку е доволно да играат на телефон. На пример, по еден час дружење со апликацијата, таа самата би можела да ги потсети дека се наближува времето кога тие би требало да се одморат од телефон и да се посветат на некоја физичка активност. Сите други аспекти кои јас ги набљудував се интересни и соодветни за децата.