Професор Радмила Томовска: „ТРЕМ“ е повеќенаменско, евтино и остварливо решение за заживување на Транспортен центар во Скопје!

- Advertisement -

Интервју со д-р Радмила Томовска, профeсор на Факултетот за градежништво и архитектура на Универзитет Мајка Тереза – Скопје, еден од авторите на идејниот проект „ТРЕМ“ чија цел е разубавување и оплеменување на запуштениот дел од Транспортниот центар во Скопје.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Што всушност преставува проектот „ТРЕМ“ и кој стои зад истиот?

Самоиницијативниот идеен проект „ТРЕМ“ претставува продолжение на проектот „КензО“ со цел да се опфати поголема целина, која од сив, запуштен, небезбеден и неугледен дел во центарот на Скопје би се претворила во безбедно, корисно, инклузивно и социјално градско катче. Идејниот проект „ТРЕМ “ е изработен од тимот архитекти: д-р Радмила Томовска (профeсор на Универзитет Мајка Тереза – Скопје, на Факултетот за градежништво и архитектура), д-р Ива Петрунова (активист, архитект и доктор на општествени науки (урбана социологија) и Хекуран Мусли (студент на магистерски студии на Универзитетот во Делфт).

- Advertisement -

Од каде воопшто идејата да се разработи проект за запуштениот дел од Транспортниот центар во Скопје? Од каде дојде изборот токму на оваа локација?

Изборот на локацијата е резултат на наша поширока аналитичка студија која ја имаме разработено токму за овој градски фрагмент (просторот околу Транспортниот центар), која наскоро ќе биде публикувана. Оваа интердисциплинарна студија го анализира развојот на овој дел од градот и ги мапира јавните простори во избраниот фрагмент во подолг временски интервал (1890 -2020). Како дел од централното градско јадро, ние тројца често минуваме низ овој дел од градот и моменталната состојба на поширокиот избран градски фрагмент беше дел од нашите секојдневни дискусии. Запуштеноста и криминогениот впечаток на конкретната локација кај сите минувачи (па така и кај нас) е евидентна. Тоа не мотивираше самоиницијативно да предложиме идеен проект првично за просторот пред поштата – КензО, кој на наше големо изненадување, доби граѓанско внимание. Оттука чувствуваме потреба да опфатиме поголема целина, бидејќи мислиме дека просторите како овој простор под Транспортниот центар имаат поголем капацитет отколку искористениот и би сакале да дадеме нaш предлог во јавноста. Преку овој проект сакаме да укажеме на потенцијалот на овој простор. Веруваме дека преку ревитализација и искористеност на јавните простори т.е. партерите на јавните институции, квалитетот на животот во градот би можел да се подобри.

- Advertisement -

Проектот го опфаќа северниот дел под Транспортниот центар: од Поштата до реката Вардар, отворен простор, покриен со бетонска плоча која е надвисната над шума од бетонски столбови. Материјализацијата од бетон, бехатон и асфалт е сива, го прави просторот безживотен, неатрактивен и најчесто одбегнуван. Просторот е поделен на две зони – првата е паркинг за зонско паркирање на автомобили и се протега од Поштата до сообраќајницата која минува низ овој дел, додека втората зона е паркинг за зонско паркирање на автобуси и се протега од сообаќајницата до реката Вардар. Анализите покажаа дека втората зона претставува неискористен простор, кој кај граѓаните создава чувство на небезбедност и криминоген впечаток и претставува место за диво живеење на лица од социјално загрозени и маргинирализирани категории, кои би требало да бидат соодветно згрижени и социјализирани во општеството.

Какви беа реакциите и ефектите од претходниот проект КензО?

Како што споменавме проектот „КензО“, на наше големо изненадување, навистина доби евидентно граѓанско и медиумско внимание. Медиумите како: Иновативност, МАРХ, Радио МОФ, Слободен печат, 24 Вести, МТВ1, Сител телевизија, го презентираа проектот и не повикаа во телевиските студија да говориме за нашата идеја или пишуваа на своите портали како со минимални средства но промислени одржливи, поточно биоклиматски и еколошки стратегии може да се влијае и позитивно и да се трансформира јавниот простор во корист на граѓаните.

Раскажете ни што конкретно, какви содржини и интервенции предвидува ТРЕМ?

Идејниот проект “ТРЕМ” го збогатува просторот со нови намени и функции (означени со јаки бои) кои ќе го реанимираат и ќе ги привлечат минувачите. Преку интервенции според приниципите на тактички урбанизам како: (1) светлосни инсталации, (2) поставување на креативна урбана опрема и (3) асфалтна уметност, овој простор би можел да се ревитализира и претвори во позитивен општествен контекст. Новиот изглед на оваа локација би го акцентирал погледот кон реката Вардар и би го врамил природниот пејсаж во една хумана целина која пулсира со живот.

Во првата зона паркингот за зонско паркирање на автомобили останува, бидејќи е забележано дека тој се користи и овој проект не би сакал да го загрози тоа. Овој простор е ладен и темен, нехуман и не многу осончан. Со цел тоа да се промени – просторот се чисти и подот се третира со жолта боја, која асоцира на сонце и го осветлува овој дел од локацијата. Во постоечките пет бетонски кубуси се вметнуваат сервисни содржини како: трафика, кафетерија, тоалети, пицерија и пекара, кои би поттикнале посетеност. Тие имаат светлечки натписи кои привлекуваат внимание и дополнително го осветлуваат просторот во текот на ноќта. Овие кубуси се обвиткани со клупа која менувајки ја својата висина овозможува повеќе активности, како: седење, потпирање, користење како пулт за конзумирање на храна и пијалоци, итн.

Втората зона, наменета за зонско паркирање на автобуси е сосема неискористена и најчесто во текот на денот и неделата е празна. Овој простор е пријатен и осончан, а близината на реката се чувствува и гледа. Просторот се чисти и подот се бои со сина боја која асоцира на вода. Околу столбовите се поставуваат обрачи кои имаат функција на клупи за седење и пултови за потпирање, кои нудат различни можности за социјална интеракција на посетителите. Овој осончан простор, проветрен и отворен кон реката Вардар, би бил идеален за зајакнување на социјалната кохезија и би претставувал еден вид на ново јавно место за дружење. Дополнително, на оградата кон мостот се поставува бршлен – природна зелена бариера, која позитивно би влијаела во намалувањето на бучавата и емисијата на штетни гасови од автомобилите. Oвој простор нуди повеќе намени, во различни периоди од денот или неделата:

  1. Пазар за свежо овошје и зеленчук кој би функционираледен или два дена во неделата, во прецизиран временски интервал. На овој начин граѓаните од непосредна околина би добиле пазар за купување на свежо овошје и зеленчук, додека призводителите би добиле ново место за продаваање производи. Просторот нуди пријатна атмосфера и термален комфор: летно време повардарецот освежува и игра улога во пасивното ладење. Локацијата е покриена и во лето нуди сенка, а во зима нуди заштита од атмосферски влијанија како дожд и снег. Градежната експанзија во непосредна околина алармира на потребата за нов пазар за граѓаните кои гравитираат околу овој градски фрагмент.
  2. Овој простор се наоѓа во близина на Скопскиот Саем, на чие место се гради нов трговски, станбен и деловен центар. „ТРЕМ“ претставува нов активен простор за одржување на разни манифестации и саеми на отворено. Овој простор, посебно во топлите скопски ноќи би бил одличен концертен и изложбен простор, кој што повеќе нема да ги плаши граѓаните, туку ќе ги мами да го посетат.
  3. Простор за социјализација – Претворање на крајниот дел од локацијата, ориентиран кон реката Вардар, во јавен простор за дружба и уживање во прекрасните визури преку поставување на клупи за седење и пултови за потпирање. Просторот би бил активен во текот на целата недела во текот на целиот ден и ноќ и погоден за сите старосни групи на граѓани.
  4. Светлосна инсталација која би се протегала по целата должина на бетонската плоча. Поставување на светлосна и звучна инсталација, каде со помош на светлосни и звучни уреди би се проектирале различни визуелни текстури, слики и звуци (небо, универзум, шума, вода, уметнички слики од познати македонски автори) на горниот дел од просторот. Ваквата инсталација има двојна функција: го прави просторот привлечен и безбеден, како и интересен и едукативен за посетителите и во текот на вечерните и ноќните часови. На синиот дел од локација би можело да се одржуваат изложби, светлосни проекции и инсталции, забави на отворено и сл., додека, жолтиот дел од локацијата останува за паркирање и користење на сервисните содржини. Светлосната инсталација би била видлива и доминантна во текот на ноќта и се планира за секој ден во неделата со променливи светлосни теми.

Изборот на форми и бои е многу едноставен. Во темната зона се користи жолта боја која асоцира на сонце и светлина, додека во осветлената зона се користи сината боја која укажува на континуитет со небото и реката Вардар. Форма која се повторува е круг – поставување на кружни обрачи околу кружните столбови е метафора за концентричните кругови кои се формираат кога капка вода паѓа во водена површина. На овој начин се оддава чест на исконското и природните елементи: сонце, вода, воздух….. и на симболичен, метафоричен и математички начин се покажува дека: едно место прилагодено на човековите потреби и мерки може да предизвика позитивна енергија, размена на идеи, пласман на домашни производи, јакнење на културната сцена, со што го зацврстува општеството и неговите граѓански вредности. Целта на овој идеен проект е едно “не-место“, кое во моментот се доживува крајно негативно од граѓаните, да се претвори во место на случувања и настани кои граѓаните ќе го засакаат и посетуваат.

Кажете ни кои се клучните бенефити за градот од реализација на овој иновативен проект?

„ТРЕМ“ ги следи новите концепти на одржливи градови и градови кои создаваат поврзување помеѓу граѓаните и природата. Во конкретниот случај, станува збор за повеќенаменско место кое отвара нова визура кон реката Вардар и го потенцира природниот пејсаж – GENIUS LOCI, а истовремено оживува архитектонско културно наследство од периодот на Модерната – Транспортниот центар. Додавање на содржини и услуги за граѓаните од непосредната локација би овозможило подобрување на квалитетот на секојдневниот живот преку дополнителни достапни функции и програми (како пазарење, рекреација, социјализација и можност за културен настан) на неколку минутно пешачко растојание. Ваквиот пристап кон третирање на слободните јавни површини, во градот Скопје не е многу применуван, иако нуди многу можности. Овој идеен проект со минимални – економични интервенции, нуди максимално менување на градската слика и атмосфера во овој дел од градот и создавање на позитивни просторни и општествени вредности.

Дали проектот има поддршка од градските власти и колку и кога истиот би можел да биде реалност?

Проектот ‘Трем’, е наш најнов проект, сега го претставуваме пред јавноста и би сакале прво да ја видиме реакцијата на граѓаните и како тие би ги прифатиле овие практики, кои се повеќе се применуваат во развиените земји. За проектот КензО добивме одговор дека локацијата е на граница помеѓу општините Центар и Аеродром, што ја отежнува можноста за реализација. Исто така, тука се присутни и институциите како Македонски железници, Македонска пошта, Министерство за транспорт и врски, Градски паркинзи.… кои би требало да покажат меѓусебна соработка и соработка со општините и градот со цел да се направи нешто. Претпоставуваме дека исто би било и за проектот ТРЕМ. Нашата цел беше да им покажеме на граѓаните дека сепак постојат можности. Вакви интервенции се реални, изводливи, ефтини, а општините и градот можат со малку средства да ги унапредуваат јавните простори, а со тоа и да го подобрат квалитетот на живот во градот.

Сподели!
- Advertisement -