Кога Samsung во март спектакуларно го претстави својот прв флексибилен паметен телефон, Samsung Galaxy Fold, сите имаа големи очекувања. И покрај високата цена, бројни корисници сакаа да бидат првите кои ќе го добијат новиот Galaxy Fold. Но, изгледа дека ќе почекаат малку повеќе за да го добијат телефонот.
Откако одреден број тест-корисници, новинари и јутјубери ги пријавија тешкотиите што ги имаат со телефонот, од кои најголем дел биле проблеми со екранот, кој престанувал да работи по неколку дена користење, од Samsung одлучија да притиснат на кочница.
Иако веќе почнаа да примаат преднарачки за уредот, јужно корејскиот гигант ги извести корисниците дека датумот на испорака е несигурен. Попрецизно, во имејлот испратен до корисниците кои го нарачале телефонот стои следното: „Ако не не контактирате и ако не ви го испратиме уредот до 31 мај, вашата нарачка автоматски ќе биде поништена“.
Потоа објаснуваат дека уште работат на решавање на пријавените проблеми и додаваат и дека не постои официјален датум кога ќе се најде уредот во продажба. Samsung планираше годинава да произведе барем 1 милион телефони Galaxy Fold, кои чинат 2.000 долари.