Забраната на САД која се однесува на Huawei доби уште една последица – кинеската компанија повеќе не може да користи microSD картички. Huawei повеќе не е член на SD Association, трговската групација која ги договара стандардизираните спецификации на SD и microSD картичките. Со други зборови, на Huawei повеќе не му е дозволено да нуди поддршка за SD и microSD картички во своите идни мобилни телефони и лаптопи.
Од SD Association потврдија дека Huawei повеќе не е член на групацијата поради наредбите кои ги издал американскиот претседател Доналд Трамп, а тоа е најновиот удар за кинеската компанија. MicroSD и SD картичките и понатаму ќе работат во постојните уреди на Huawei, но компанијата нема да може да го користи стандардот за идните производи.
Претходно соработката со Huawei ја прекинаа компаниите Google, ARM, Intel, Qualcomm и Broadcom. Wi-Fi Alliance, алијансата која поставува Wi-Fi стандарди во иднустријата, привремено го ограничи членството на Huawei поради забраната од САД, а Huawei доброволно ја напушти групацијата JEDEC, која ги стандардизира RAM спецификациите.
Проблемот со SD и microSD картичките не е најголемиот проблем за Huawei затоа што компанијата се подогтвуваше за тоа и ја има сопствената Nano Memory Card картичка, која е физички помала од стандардните microSD картички.