И покрај лошите пазарни резултати и големиот минус кој од година во година го остварува одделот за паметни телефони во Sony, од компанијата немаат намера да се откажат од нивното производство и продажба. Паметните телефони се неопходни за портфолиото на компанијата која е во центарот на забавната индустрија, а паметните телефони се хадрвер за забава, велат оттаму.
Но, во компанијата не се помируваат со статус квото и јасно им е дека моменталниот начин на работа и натрупувањето на загубите мора да се променат и неодамна беше претставен план за профитабилност на мобилниот оддел во текот на наредните години. Како што и обично бидува, ваквите најави вклучуваат откази, па тие мислат да ја преполоват работната сила на одделот кој развивва телефони, да се повлечат од најголем дел од светските пазари и да ги оптимизираат трошоците.
Во рамките на тој план пред неколку дена во Токио од Sony прикажаа мапа на регионите кои повеќе не им се во фокусот, односно каде што повеќе воопшто нема да продаваат телефони или нема да соработуваат со оператери како што се САД, Кина, Индија итн., а ќе се фокусираат само на четири региони: ЕУ, Јапонија, Хонгконг и Тајван.
Планот е долгорочно компанијата да работи позитивно и профитабилно на пазарот за паметни телефони, а во тоа може да и помогне ситуацијата со Huaweij, чиј бизнис во иднина ќе биде загрозен и ќе се отвори простор за конкурентските компании.