На 29 мај со почеток во 10.30 часот во хотел Александар Палас во Скопје за прв пат ќе се одржи манифестацијата „Иновативно претпријатие на годината 2019“. Оваа иницијатива има за цел да ги промовира и награди македонските претпријатија кои успешно лансирале иновација во своето работење, да промовира успешни бизнис модели и достигнувања базирани на иновации и нови технологии во сите индустриски сектори.
На манифестацијата ќе бидат прогласени најиновативната старт-ап, мала и средна компанија, каде секоја ќе биде наградена со по 200.000 денари, средства обезбедени со поддршка на Град Скопје. Средствата компаниите ќе можат да ги искористат за унапредување на конкурентноста на иновацијата и интернационализација на бизнисот.
Националниот натпревар „Иновативно претпријатие на годината 2019“ се спроведува во рамки на проектот „Јакнење на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации“, финансиран од ЕУ.
Проектот го спроведуваат Фондација Претприемачки Сервис за Млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и АРК Фонд.