Бизнис Акцелераторот УКИМ го одржа својот прв DEMO DAY

- Advertisement -

Бизнис акцелераторот УКИМ го одржа својот прв DEMO DAY како официјален завршен настан на првата акцелераторска програма. Во неа учестуваа шест стартап компании и програмата траеше 12 недели. Вчеравечер во Центарот за трансфер на иновации и технологии – ИНОФЕИТ тие ги претставија своите решенија и иновации пред комитет за инвестиции на Акцелараторот УКИМ и пред публика од екосистемот за стартапи во Македонија.

Стартап компанијата Араиг Глобал презентираше производ ARAIG, мултисензорски стимулациски елек, наменет за индустријата за електронски игри што му овозможува на корисникот (гејмерот) 360˚ искуство. Нивните колеги од Инелипсе го претставија производот AWSome кој овозможува интеграција на различни комуникациски канали кои ги користат тимовите за развој на дигитални решенија (developers) со различните бази на податоци кои се обработуваат во облак (Cloud computing).

- Advertisement -

Претставниците на БИО ИЦТ говореа за производот Агросенс – ИКТ платформа за мерење, следење и анализирање на метеоролошките и агротехнички параметри (температура, влажност, осветлување на сонце, брзина на ветерот и насоката, врнежи од дожд, влажност на почвата и слично) во реално време и на специфична геолокација за оптимална употреба на ресурсите за подобрување на приносот и заштита од болести.

Давверо.ИО производот е модерен паметен и уникатен накит кој ја следи емоционална состојба на корисникот. Стартап компанијата Елевејт Глобал го претстави производот АСАП кој обезбедува обработка на голема база податоци во реално време, вклучувајќи вештачка интелигенција за предвидување на следните чекори согласно податоците со коишто управуваат. И Доларе Технолоџи го претстави производот Метрицити кој им помага на институциите да ги исполнат условите за усогласување со регулативата, да го потврдат идентитетот на клиентот и да ја пресметаат проценката на ризикот од перење пари и финансирање тероризам.

- Advertisement -

Покрај презентирање на бизнис идеите и иновациите, Акцелераторот УКИМ организираше и панел дискусија на тема „Комплементарност на постојните финансиски инструменти и услуги за поддршка со цел да се забрзаат иницијативите за стартување и раст на бизнисот“.

На панелот дискутираа Тања Илиевска од Фондот за иновации и технолошки развој, која ги претстави досегашните инвестиции во стартапи и постигнатите резултати, потоа проф. д-р Владимир Атанасовски од Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, кој го претстави механизмот за комерцијализација на научните достигнувања при УКИМ и воспоставената соработка со локалната и глобалната индустрија. Дијана Јаневска од Научниот парк Грац, Австрија ги претстави услугите кои ги нудат за развој на иновации и можностите за стартапите од Балканот и од Акцелераторот УКИМ за користење на нивните услуги. Каролина Кароска Божиноска од Македонска Берза ја претстави интернет платформата Funderbeam за финансирање која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства таканаречени – crowd funding и можностите за обезбедување на алтернативен извор за прибирање капитал. Робин Зимбаков од ЦЕЕД Клубот на Бизнис Ангели направи осврт на досегашните активности на Бизнис ангелите во Македонија, четирите компании во кои инвестирале и даде осврт на индустриите во кои може да се инвестира, кои „нови производи или услуги“ би можеле да ги поддржат и за начинот на кој можат да придонесат во развојот на стартапите засновани на напредни технологии.

- Advertisement -

Во рамките на акцелераторската програма, глобални и локални специјалисти од различни области ги менторираат старатапите, нудејќи поддршка во унапредување на бизнис концептот и на презентациските вештини.

Сподели!
- Advertisement -