Компанијата за производство на беспилотни летала MartinUAV го испорача својот радикален дрон на американската морнарица, која веќе почна да го тестира V-Bat на Атлантскиот Океан. Овој дрон е наменет за надзор, борба, GPS мапирање и други задачи, а може да полетува вертикално, по што веднаш може да се префрли на хоризонтален лет, а во кој било момент може и да лебди во воздухот на место.
V-Bat може да лета до 8 часа, а во првите тестови успешно летал до висина од 4.500 метри, по што успешно се приземјил. Во една од бројните демонстрации на MartinUAV дронот успешно се приземјил на кров на камион во движење, што укажува на исклучителните маневарски способности на дронот. Леталото е многу ефикасно за летови во населени области, а освен за потребите на американската војска, ќе се користи за мисии против шверц на дрога.
Меѓу најинтересните способности на V-Bat е автономното слетување и полетување, оперативната брзина на летање од дури 166 км/ч и опцијата да се бира на каков погон ќе се движи: електрична енергија, бензин или авионско гориво.