Јасмина Пислевиќ е млада девојка, машински инженер, која учествувала на бројни проекти во странство од каде произлеглa и нејзината идеја, преку игра да се едуцираат луѓето за енергетска ефикасност и што е поважно- како нашите одлуки и начин на живеење влијаат врз загадувањето на Планетата. Таа е креатор на играта Living Globally и основач на Muster Collective
Јасмина, раскажи ни како настана Living globally?
Играта Living globally – Глобално живеење ја креирав за време на мојот истражувачки престој стипендиран од Федералната фондација за животна средина на Германија, на Институтот за технологија на Карлсруе, во Германија. Таму бев дел од тимот кој работеше во така наречената – жива лабораторија, која претствува концепт на пренесување на научните сознанија на широки маси на луѓе преку директна интеракција и активности со граѓаните. Желбата за внесување промени во образовниот пристап заедно со инспирацијата од германската култура на играње друштвени игри, вклучувајќи го и моето претходно меѓународно и национално искуство во областа, резултираше со Глобално живеење.
Глобално живеење е алатка во форма на едукативна друштвена игра, развиена од интердисциплинарен тим, која има за цел да го поттикне и зајакне пренесувањето на важноста за колективната свесноста и свесноста за заштита на животната средина на широки маси.
Oбјаснете ни на кој начин преку оваа друштвена игра всушност може и да се учи?
За време на едногодишниот истражувачки престој во Германија, со поддршка од тимот од иницијативата „Соседство од иднината – Quartier Zukunft“, со желба за надградување на веќе постоечката програма на оваа иницијатива, заклучивме дека е од голема важност информирањето на младите за оваа тема и нивно инспирирање и поттикнување да преземат активности. Оттука, базирано на мојот интерес и делување во областа на одржливо живеење и заштита на животна средина го поставив концептот и дел од содржината. Тие содржини потоа беа тестирани и надградувани од 30-тина различни профили на научници, професионалци во областа, како и страсни играчи на друштвени игри. Целиот процес да се заврши со тест сесии со 50-ина ученици од две гимназии во градот.
Во која фаза на развој е Living globally сега?
Инспирирана од функционалната идеја, по враќањето во Македонија продолжувам со развој на играта, при што во тимот се вклучија и Симона и Џеј Ди, со кои го оформивме Muster Collective – интердисциплинарен колектив кој работи на креирање и имплементирање на проекти и програми фокусирани на социјална правда и свесност за заштитата на животната средина.
Со желба за внесување трансформативни промени во опкружувањето, а со акцент на образовниот систем, оваа игра одлично се вклопи во концептот на внесување промени во начинот на образoвание, па така истата ќе биде дел од целосна програма за одржливо живеење и заштита на животна средина.
Од мај годинава тимот, заедно со соработници и пријатели, активно работи на довршување на продуктот за комерцијална реализација, паралелно со формирање на целосната програма и пропратните сегменти. Дополнително, живеејќи во свет на дигитална технологија, се работи и на развој на дигитална верзија на играта која ќе помогне во полесно ширење на пораката. Нашата цел е што повеќе да го шириме влијанието за подобрување на условите за живот на планетата.
По комплетирањето на постоечкиот концепт, ќе пристапиме кон имплементација на истиот во Македонија, Малта и Германија, а и продолжуваме со креирање нови игри на темата. Воедно, работиме и на зајакнување на капцитетите и активностите на Muster Collective.
Сите љубители на новости, игри и поддржувачи на иновативни идеи, го креиравме првиот настан на кој сите учесници ќе имаат можност да ја изиграат играта на 17.10 од 18:30 во просториите на Стартап Македонија.