По бројните скандали и пропусти со податоците и приватноста на корисниците, компанијата Facebook се менува, но не така што нешто ќе поправи (на тоа сè уште се работи), туку со потег во насока на визуелниот идентитет на компанијата.
По 15 години постоење, Facebook има ново лого, а од компанијата разјаснија неколку работи, како и интеграцијата со Instagram и WhatsApp. Од компанијата велат дека станува збор за нов визуелен идентитет.
Новото лого не подразбира целосно различно лого од старото, зад кое беа сината боја и белите букви, туку многу повеќе слобода.
Со овој потег, се наведува на Facebook блогот, сакаат да ја одвојат компанијата од Facebook апликацијата, која останува самостоен бренд и сакаат да направат појасна разлика меѓу социјалната мрежа и компанијата.
„Луѓето би требало да знаат која компанија ги прави апликациите кои ги користат и затоа е донесена оваа промена“, стои во официјалната објава.
Facebook компанијата стои зад апликацијата Facebook, но и зад апликациите Messenger, Instagram, WhatsApp, Oculus, Workplace, Portal и Calibra.
Facebook на оваа промена се одлучи по измената на имињата на WhatsApp и Instagram кои сега се викаат WhatsApp from Facebook и Instagram from Facebook.
Покрај визуелната промена Facebook има и нов сајт на компанијата, како и низа други измени во смисла на визуелниот идентитет.