Многу студенти сметаат дека стекнувањето факултетска диплома и задолжувањето со студентски кредити е единствениот начин да се вработат во големите светски компании како Apple, Google, Netflix… Меѓутоа, тоа не е секогаш така.
Истакнати бизнис лидери – генералната директорка на Siemens, Барбара Хемптон и извршниот директор на Apple, Тим Кук – ја преиспитуваат потребата од факултетски дипломи. Кук неодамна откри дека околу половина од вработените во Apple немаат факултетска диплома. Овој податок се однесува на вработените во САД. Тој вели дека многу факултети не подучуваат на вештини кои се потребни на пазарот на труд како што е кодирањето.
Хемптон, пак, ја отфрла идејата дека четиригодишните студии гарантираат спремност за кариера. „Често во огласите за работа се бара факултетска диплома, но во реалноста дипломата воопшто не е потребна за работата за којашто аплицира кандидатот. Тоа само им помага на менаџерите за вработување да направат селекција“ изјави Хемптон.
Угледните компании како Google и Apple вработуваат луѓе кои поседуваат вештини потребни за врешење на работата, со или без диплома. LinkedIn, пак, открива дека многу од денес најголемите компании не бараат од вработените задолжително да имаат факултетска диплома. После длабинска анализа на податоците, LinkedIn ги идентификувал работните позиции кои веројатно ќе ги пополнат луѓе кои немаат диплома, меѓу кои се електротехничари, механички дизајнери и маркетинг претставници.
Но, без оглед на тоа, барем засега се чини дека факултетските дипломи се исплатуваат. Работниците кои имаат основни студии заработуваат над 932 долари повеќе неделно отколку работниците без диплома. Извршниот директор на Apple, Тим Кук, потсетува дека неговата компанија ја основал Стив Џобс, човек кој се запишал на факултет и се откажал. Поради тоа, политика на компанијата отсекогаш било дека не е потребна диплома за некој да биде успешен.