Македонија има потенцијал за АПИ туризам, фузија на зелени дестинации, пчеларство и патување

- Advertisement -

Неодамна на интернет најдов податок дека годишната анкета на приближно 5.000 пчелари во САД покажала опаѓање на бројот на медоносни пчели за 33% во период од една календарска година. Тоа значи дека пчелите умираат. Како главни причини за глобалното опаѓање на бројот на пчелите се индустриското земјоделство, паразитите, патогените промени и климатските промени. Загубата на биолошката разновидност, уништувањето на живеалиштата и недостатокот на фуражни култури се посебни закани за пчелите и  за дивите опрашувачи. Пестицидите се наведуваат како најголем убиец на пчелите. Всушност, една третина од нашето глобално снабдување со храна се опрашува со пчели. Тоа практично значи дека пчелите ги одржуваат живите растенија и култури. Луѓето ќе немаат доволно храна, доколку нема доволно пчели и ако пчелите немаат доволно за јадење.

              Ова ме поттикна да го гледам македонскиот документарен филм „Медена земја“ (анг. Honey land, види официјален трејлер на: https://www.youtube.com/watch?v=B27ORUHlp6E) во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот триумфираше на најпрестижниот американски фестивал „Санденс“. За прв пат во историјата на овој престижен фестивал, еден филм победува во три категории и прогласен е за најдобар светски документарец. Филмот исто така доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.  

- Advertisement -

              Филмот „Медена земја“ раскажува за 50-годишната Атиџе Муратова, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. Таа живее со својата болна неподвижна мајка во ужасно сурови услови, без струја и вода во зафрленото и напуштено овчеполско село Бекирлија.  Атиџе неизмерно се грижи за пчелите, дури и им пее, бидејќи тие претставуваат нејзин единствен извор на приходи. Посветено го практикува принципот на „одржлив развој“ и настојува да го одржи природниот баланс во природата. Својот производ извонредно чист и квалитетен мед го дели со своите партнери во бизнисот – пчелите, на начин што пола мед го зема за себе, а пола им го остава ним. Режисерите преку надреални слики на македонскиот рурален пејсаж и приказната за Атиџе го потенцираат нарушувањето на природната рамнотежа и праќаат порака за враќање на човекот кон природата. А тоа е тренд во туризмот и промена во начинот на живот на многу луѓе на планетата Земја. Во филмот Атиџе го продава својот природен и чист мед, кој воедно го користи и како лек за својата болна мајка. Продажбата ја врши директно на пазар по значително повисока цена, а побарувачката е постојано поголема од понудата. Покрај прекрасните македонски пејсажи, овој момент ме наведе подетално да истражам за потенцијалите и можностите на така наречениот АПИ туризам.

Прво, што е тоа АПИ туризам? Сајтот на словенечкото здружение за пчеларство (http://www.apiturizem.si/en/ ) го дефинира апи-туризмот како фузија на зелени дестинации, пчеларство и патување. Станува збор за автентично патување кое го збогатува животот на туристот и ја зајакнува неговата врска со природата, културата и општеството. Следствено, ова соединување на пчеларството и можностите за патување, станува апи-туризам.

- Advertisement -

              Апи-туризмот, како форма на туризам што се занимава со културата и традициите на руралните заедници, би можел да се смета како еден од најоддржливите начини на развој и многу специфична пазарна нишка на туризмот. Апи-туризмот е форма на туризам поврзан со пчеларството како традиционална професија и пчелните производи со нивните еколошки, прехранбени и медицински аспекти. Активностите поврзани со апи-туризмот вклучуваат посети на пчеларници и пчелари, музеи на отворено и музеи за пчеларство каде туристите имаат можност да ја набљудуваат работата на пчеларите, методите за правење мед, неговите својства и специфичности, да дознаат за други пчелни производи, да гледаат како живеат пчелните колонии и да ја препознаат еколошката поврзаност помеѓу човекот и пчелите. Едно истражување во Европската Унија (извор: https://www.researchgate.net/publication/277711666 ) покажува дека главната целна група за апи-туризам (54%) се деца и адолесценти (училишни групи). Имено, апи-туризмот има едукативна функција каде што многу фарми и пчеларници кои се занимаваат со апи-туризам обезбедуваат часови по биологија, екологија и историја на пчеларството, а тоа е за учениците комбинација од пракса и теорија. Втората значајна група на корисници на апи-туризмот се индивидуалните туристи (43%).

Светските трендови се следат и во нашата држава. Медот, поленот и прополисот се веќе познати корисни пчелни производи. Но, малку се знае дека и воздухот што го создаваат пчелите околу нивните сандаци е лековит. Таканаречената „терапија со пчелин воздух” се спроведува во специјални АПИ комори и е полезна за секој човек, а особено во случај на белодробни заболувања. Ѓорги Златинов, пчелар од Скопје ги отвори првите АПИ комори во општина Сопиште помеѓу селото Нова Брезница и Браната Козјак во местото Рудина, во преубава природа и чиста средина.

- Advertisement -

              Ваквите трендови ги поддржува и Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) којшто е водечки проект за развој на туризмот во земјава. ПЛРК е четиригодишна инвестициска активност за поддршка на локалните заедници и туристичките дестинации со цел надградба на нивната туристичка понуда, подобрување на  туристичката инфраструктура, развој на вештини на туристичките работници и создавање работни места во туризмот.

              „Преку проектот, поддржани се два потпроекти што го промовираат АПИ туризмот и воведуваат нови туристички производи: „Вински, апи и еко туризам во Неготино и околината“, што го спроведува Општина Неготино и потпроектот „Култот на водата“ којшто го спроведува приватното претпријатие „Подгорски Ан“ од с. Габрово, Струмица. Преку поддршка на потпроектите сакаме да поттикнеме развој на оваа пазарна туристичка нишка којашто има потенцијал во одредени дестинации“ – појаснува г-ѓа Антонија Шишак, Директорка на ПЛРК.

              „Подгорски Ан“ развива нова понуда, со дополнителни активности во природа, за туристите кои ја посетуваат дестинацијата Струмица и околината. „Со поддршка на ПЛРК реконструираме и уредуваме просторија за развивање на апи туризам во с. Водоча. Пчеларската куќичка содржи кабина за апитерапија каде што туристите ќе можат практично да се информираат за нејзиното позитивно влијание и за придобивките. Апитерапијата е вид на третман што го користеле античките цивилизации, каде што се користат природните лекови содржани во пчелните производи: мед, прополис, пчелин восок, итн.“ – истакнува г-дин Ѓорѓи Хаџикотарев од Органо Логистик, кој е партнер на „Подгорски Ан“ во потпроектот.

Во Општина Неготино се развиваат нови туристички производи насочени кон локалната култура, земјоделските и кулинарските традиции. „Со поддршка на ПЛРК го уредуваме просторот на постоечкиот пчелен парк во село Вешје, Неготино. Реконструираме и стара училишна зграда во едукативен Апи центар со цел да понудиме дополнителни активности за туристите кои ја посетуваат дестинацијата Тиквеш и да го поттикнеме апи туризмот. Создаваме можност туристите да се запознаат со пчеларството, да дегустираат локален мед и грозје и да ги посетат пчелниот парк, лозовите насади и винаријата „Венец“ која што се наоѓа во близина на селото“ – вели г-ѓа Лолита Ристова, проектен координатор – Раководител на одделение за локален економски развој на Општина Неготино.

Новите социјални трендови, заедно со популарната потрага по здравје и благосостојба, активен живот, духовност, нови знаења и хармонични врски, диктираат иновативни пристапи кон создавање искуства при патувањата. Апи туризмот нуди еден таков иновативен пристап кон одржливиот туризам, нудејќи искуства каде што туристот се поврзува со природата која го опкружува. Тој може да биде одлична поддршка на руралните средини за креирање нови работни места во туристичките услуги, поддршка во развојот на локалната економија и промоција на туристичките дестинации. Искрено се надеваме дека за ова дополнително ќе придонесе и евентуалниот Оскар за „Медена земја“. Затоа со нетрпение го очекуваме деведесет и второто доделување на престижните Оскари кое е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд.

 Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Сподели!
- Advertisement -