Јапонски Nissan, корејски Hyundai и американско-италијанскиот Fiat-Chrysler најавија стопирање на производството на автомобили во одредени фабрики поради епидемијата на корона вирусот која ја блокираше испораката на делови од Кина.
Јапонската компанија ќе го стопира производството на два дена, 14 и 17 февруари, во погонот во матичната земја, каде што се произведуваат моделите Serena и X-Trail.
Кина е најголемата производствена сила во светот и игра значајна улога во глобалниот синџир на набавка кога е во прашање автомобилската индустрија бидејќи произведува клучни делови и компоненти. Бројни погони се концентрирани на покраината Јубеи, од каде што на крајот на минатата година почна ширењето на корона вирусот.
/за да го стопираат ширењето на вирусот, кинеските власти го ограничија движењето на луѓето, воведоа карантин во одредени градови и го стопираа производството во одредени погони, а тоа посебно ја погоди автомобилската индустрија. На многу производители им снемуваат делови, поради што и корејски Hyundai минатата недела привремено ги затвори фабриките во матичната земја, Fiat-Chrysler исто така објави дека размислуваат за стопирање на производството во еден од погоните во Европа поради тоа што не можат да набават делови од Кина.
После продолжените празнични денови по повод Кинеската нова година, многу фабрики требаше да почнат да работат во понеделникот, а некои сепак останаа затворени поради огрниачувањата наметнати од локалните власти и недостигот од работници.