Штипските матуранти од средно медицинско училиште си направија онлајн матурска забава

- Advertisement -

Иако годинава средношколците се приморани порано да се разделат и да го пропуштат класичното славење на матурска забава поради пандемијата на Ковид-19, матурантите од СОУ „Јане Сандански“ во Штип не се откажаа толку лесно од идејата.

Тие синоќа ја организираа првата онлајн матурска вечер, така што во празниот хол на училиштето настапуваше локален бенд, а околу 200 матуранти се журкаа од дома.

- Advertisement -

Претходно, преку видео споделено на официјалната Фејсбук страница на училиштето, им се обратија класните раководители кои упатија честитки и пораки до своите ученици.

„Заедно имавме безброј мали и големи, пријатни и непријатни работи за паметење. Досега заедно со родителите ви го трасиравме патот по кој чекорите, но отсега вие сте тие кои треба да го изберете вистинскиот правец на раскрсницата од животот. Секогаш избирајте паметно, бидејќи вие пред се, сте паметни и снаодливи. Чекорејќи низ животот, можеби ќе треба и да удрете со глава во ѕид, но само напред. Ѕидот ќе преживее, исто и вие, а тоа ќе ве направи посилни и посигурни“, им посака класната раководителка од IV-2.

- Advertisement -

Таа им порача да патуваат, да запознаваат нови пријатели, но да не ги забораваат и оние од училишната зграда.

„Никогаш да не се заборавиме и секогаш со насмевка да се сеќаваме“, порача таа.

- Advertisement -

Училиштата се затворени од почетокот на март, поради појавата на новиот коронавирус, а полагањето државна матура неодамна беше откажано за оваа генерација ученици.

(Радио МОФ)

Сподели!
- Advertisement -