Многумина кои размислуваат да купат електричен автомобил најмногу се скептични околу траењето на батериите, односно се плашат дека батериите ќе се расипат пребрзо и ќе мора да платат дополнително за да ги заменат. Повеќето од производителите на електрични автомобили денес даваат гаранција на батериите од 100.000 до 250.000 км, што значи дека ќе можете да ги користите од 6 до 8 години.
Кинескиот производител Catl (Contemporary Amperex Technology), кој ги снабдува батериите за Tesla Model 3, чии клиенти се BMW, Daimler, Honda, Toyota, Volkswagen и Volvo тврдат дека наскоро ќе почнат сериско производство на батерии чиј животен век ќе изнесува 2 милиони километри, односно околу 16 години.
Претседателот на компанијата, Зенг Јукун, за Bloomberg изјави дека се подготвени за производство штом некој од нивните клиенти ја направи првата нарачка, а цената на новите батерии ќе биде само 10% повисока во однос на премиум батериите кои се произведуваат сега.
Според аналитичарите на компанијата Canalys, пазарот за електрични и хибридни автомобили во Европа во првите три месеци од годинава пораснал за 72% во споредба со истиот период во 2019 година, додека на глобално ниво поради корона вирусот дошло до пад од 26%. Со други зборови, за електричните автомобили во Европа има се поголема побарувачка, како поради нивните перформанси и ниските цени, така и поради поголемиот број на станици за полнење.
Catl во Еворпа најмногу се фокусира на германскиот пазар, па во градот Ерфурт гради нова фабрика која ќе почне со производство на литиум-јонски батерии за електрични автомобили во 2021 година.