Согласно со третиот сет економски мерки, Владата донесе Уредба за доделување ваучери за млади лица за обука за дигитални вештини во вредност од 30.000 денари. Ваучерите ќе покријат дел од трошоците за ИТ-обуките кои ќе бидат од најосновни до најнапредни дигитални вештини и програмирање. Вкупниот буџет е 150 милиони денари.
Како што соопшти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференција, правните лица кои се заинтересирани за давање обуки за дигитални вештини треба да се пријават на повикот кој Министерството за образование и наука ќе го објави на 29 јуни, а пријавувањето ќе биде преку националниот портал за електронски услуги: www.uslugi.gov.mk.
Правните лица кои ќе се пријават, како и видот на обуките што ќе ги понудат, ќе бидат селектирани од Дигитален форум – независно тело со претставници од универзитети со ИКТ-студии, четирите стопански комори, ИКТ-експерти и двајца претставници од Владата. Целта е јавноста да биде сигурна дека селекцијата на обуките ќе биде транспарентна и согласно со потребите на пазарот на трудот.
Дигиталниот форум ќе ја утврди листата на даватели на обуки за дигитални вештини, како и самите обуки. Листата ќе биде јавно објавена од МОН. Младите лица самите ќе изберат видот на обука и правното лице што ќе ги обучува, согласно со нивните потреби и знаења.
Право на пријавување ќе имаат млади до 29 години со најмалку завршено средно образование. И тие ќе се пријавуваат преку порталот uslugi.gov.mk почнувајќи од 19 јули. Ќе добијат електронски ваучер во вредност од 30.000 денари кој потоа ќе можат да го искористат кај некој од понудувачите на обуките од утврдената листа.
-Се одлучивме за овој чекор со цел да им помоигнеме на младите лица за справување со последиците од економско-здравствената криза, но и да бидат конкурентни за работни места на кои платите се повисоки и поради евидентниот недостиг на ИТ-кадар. Пандемијата со КОВИД-19 донесе нови правила на работа и неопходно е сите да се прилагодиме на тоа. Дигиталната трансформација и вештини се наметнаа како неопходни како никогаш претходно, рече Манчевски.
При селекцијата на даватели на обуки ќе бидат земени предвид соодветноста на предложените обуки, а од друга страна истражувањата за потребите од дигитални вештини на пазарот на трудот. Постапката за аплицирање на фирмите, на граѓаните и употребата на ваучерите ќе биде целосно електронска.
МИА
Фото – cpmmpns.wikimedia.org