„Епл“ е највредниот светски бренд со 241,2 милијарди долари
Вредноста на брендот „Нетфликс“ за една година се зголеми за 72 проценти и изнесува 26,7 милијарди долари, според најновата листа на „Форбс“ највредни светски брендови, додека на прво место, како и минатата година се наоѓа „Епл“, чија вредност се проценува на 241,2 милијарди долари.р е к л а м а
„Гугл“ е на второ место со вредност од 207,5 милијарди долари, а меѓу првите пет се и „Мајкрософт“ (162,9 милијарди долари), „Амазон“ (135,4 милијарди долари) и „Фејсбук“ (70,3 милијарди долари). На листата помеѓу првите десет се наоѓаат и „Кока-Кола“, „Дизни“, „Самсунг“, „Луј Витон“ и „МекДоналдс“.
Минатата година меѓу првите десет беше и „Тојота“, но компанијата годинава загуби седум проценти од вредноста и сега е на 11. место. Додека „Фејсбук“ и „Самсунг“ годинава изгубија 21 односно пет отсто од вредноста. Значителен раст на вредноста на брендот остварија „Шанел“ (42 проценти), „Амазон“ (40), „Мајкрософт“ (30) и „ПејПал“ (24 отсто).
Вкупната вредност на 100 најскапи брендови е 2,54 билиони долари. Повеќе од 50 се американски компании, 10 се од Германија, девет од Франција, шест од Јапонија и пет од Швајцарија.