Facebook Messenger и Instagram се спојуваат. Ова се случува година и пол откако извршниот директор на Facebook, Марк Цукерберг, ја најави интеграцијата на двете платформи.
Стариот сервис за четување на Instagram, Instagram Direct, се заменува со Messenger и на тој начин корисниците можат да четуваат, да испраќаат фотографии и видеа помеѓу двете платформи.
Ова е првиот чекор кон целта најавена уште во март 2019 година за спојување не само на овие две платформик туку исто така инкорпорирање и на WhatsApp, со цел да се овозможи тотална енкрипција на сите пораки испратени во рамкиите на трите апликации.
„Го спојуваме искуството на Messenger и на Instagram со цел некои од најдобрите опции од Messenger да ги донесеме и во Instagram. Луѓето на Instagram можат сами да одлучат дали уште веднаш ќе се приклучат на ова ново искуство” изјавија од Facebook.
„Според нашите истражувања, 4 од 5 корисници на овие апликации во САД велат дека поминуваат повеќе време поврзувајќи се со пријатели и семејството на овие апликации и тоа е најбитно за нив, додека 1 од 3 луѓе велат дека понекогаш им е тешко да се сетат каде четувале со некого. Со оваа надградба ќе биде уште полесно да останете поврзани без да размислувате која апликација да ја користите со семејството и со пријателите“ додаваат оттаму.
Интеграцијата меѓу двете апликации ќе бара посебна согласност од корисниците за спојување на нивните профили, па Facebook за нив нуди и нови опции. Ако ја прифатат надградбата, корисниците ќе можат да испраќаат селфи налепници, да гледаат Instagram видеа со пријателите за време на повици и да испраќаат пораки кои исчезнуваат.
Од Facebook велат дека новите опции за почеток ќе биде достапни во неколку земји, а наскоро и глобално.
(The Guardian)