Иновативниот
софтвер за онлајн пазар на труд „Тривити“, и пркоси на пандемијата предизвикана
од Ковид 19, и, годината ја завршува со „THRIVITY АКТИВАТОР“, книга –
прирачник во издание на Паблишер. Aвторскиот тим составен
од Фросина Денкова – Зафировска, Дејан Ваневски и Поликарп Арсеновски, тројцата
експерти со долгогодишно искуство во полето на развој на потенцијалите кај
луѓето, за прв пат во земјава
создадоа водич за развој на 70
бихевиорални компетенции, која на едноставен, но софистициран и прагматичен начин
ќе ги однесе личниот и професионалниот развој на едно ново, повисоко ниво.
„THRIVITY АКТИВАТОР“ го нарекувате водич за личен и професионален развој. За какво издание станува збор?
Оваа книга е книга алатка која инспирира и креира свесност за личен и професионален развој, воедно и мотивира прогресивен лидерски стил фокусиран на луѓето.
Со неа сакаме бихевиоралните компетенции, кои се препознаени како фактор за успех, да ги направиме достапни за сите луѓе кои веруваат во сопствниот развој или сакаат да помогнат во развојот на некој друг. Тие претставуваат сет на знаења, способности, карактеристики и начин на однесување на една личност. Нивото на развој на секоја од потребните компетенции влијаe врз ефективноста, ефикасноста и продуктивноста во извршувањето на работните обврски и задачи од страна на поединецот во една организација, затоа е неопходен нивен континуиран развој, а „THRIVITY АКТИВАТОР“ го нуди тоа.
Во година кога светот застана вие повикувате на акција и активација. Кому му е наменет „Активаторот“?
Станува збор за интерактивен водич кој ја промовира културата на континуирано учење кај поединците, организациите и во општеството. Независно дали станува збор за студенти, за лица кои бараат работа или за лица кои сакаат да ја променат постоечката, или пак ја користат менаџерите за развој на луѓето во своите тимови, дури и да ја користите за свој личен развој, оваа книга отвара нови можности. На патот на нашиот развој, не пресретнуваат нови работи со кои си ги шириме сопствените хоризонти. Всушност овој „Активатор“ поттикнува да се отвориме за новите работи. Знаете пандемијата ни овозможи да ревидираме до каде сме, развојот на компетенциите во овој период ни дава шанса да еволуираме, за да бидеме поконкурентни на пазарот на труд во пост-ковид периодот. Дури јас „Активаторот“го доживувам како иницијација, но тој и го покажува патот.
Оваа книга е надоврзување на „Тривити“,
иновативен он лајн пазар на труд, софтвер за кој ги спојува лицата кои
бараат работа и компаниите кои вработуваат. Која е целта на ваквиот пристап за развојот на Тривити?
Сите наши активности, сé што правиме е со единствена цел, да креираме отворен, транспарнетен и конкурентен пазар на труд. Да ги поддржиме луѓето во процесот на барање работа, а истовремено да креираме партнерски однос со компаниите кои имаат потреба од вработување. Тривити платформата е иновативно ИТ решение кое значително го подобрува и го унапредува досегашниот процес на барање работа и барање кандидати за работа. На компаниите им штеди време, им дава перспектива за кандидатите, а од друга страна платформата ги предлага лицата кои бараат работа секако доколку нивните квалификации одговараат соодветно на огласот за вработување, притоа тие се целосно заштитени, односно нивните податоци компанијата може да ги види само доколку тие прифатат барање за контакт. И сето тоа се случува 24/7.
Ваквиот пристап, е во тек со глобалните трендови, и ние веруваме дека ќе помогнеме да креираме пазар на труд на кој предизвик ќе биде да си конкурентен, а не „да се вработиш во јавна администрација“. Затоа преку „Активаторот“ поттикнуваме култура на личен развој, а преку платформата создаваме свесност кај компаниите дека треба да се изборат да бидат посакувано работно место.
Вие сте творци и на Тривити Кариерен центар кој нуди бесплатно знаење од врвни предавачи и ги потткнува лицата на личен развој и структуриран пристап на барање работа. Какво е досегашното ехо од слушателите?
Низ програмите на Тривити – Кариерен центар досега поминаа 70тина луѓе и резултатот од истражувањето кое го спроведовме со учесниците покажа 97% општо ниво на задоволство. Знаењето го споделуваме бесплатно за лицата кои во оваа фаза ја изгубија работата или се долгорочно невработени, затоа што мислиме дека солидарноста сега е таа која треба да не обедини. И нам тоа ни причинува задоволство, бидејќи некому можеби ќе му помогнеме на патеката.
Слушателите на модулите од програмата по нивното завршување јасно ја препознаваат го процесот, дека „барањето работа како работа“. Всушност барањето работа е структуриран процес на кој треба да се посвети сериозно внимание енергија и време. Затоа модулите се комбинација на теориско знаење, испреплетено со многу практични примери и лично искуство на предавачите, и секако Tips & Trick кои се многу корисни во целиот процес „до новата работа“ со кои придобивките ни се очигледни. Но, она што е најзначајно, да се охрабрат слушателите за процесот за барање работа и да си го подготват својот план за развој бидејќи ние и нашите компетенции се најголемиот капитал што ги поседуваме.
Имајќи го на ум вашето сериозно меѓународно искуство каква година предвидувате на пазарот на труд во земјава?
За жал 2021 година ќе биде уште една година полна со предизвици. Пазарот на труд кој ионака беше нарушен пореди јазот помеѓу понудата на работни места и квалификациите на лицата кои бараат работа дополнително доби удар од пандемијата креирајќи голем број на нови невработени. Кризата предизвикана од Ковид 19 ќе си ја земе својата цена и во првото полугодие од следната година и негативно ќе влијае на економијата соодветно и на пазарот на труд, со што ќе генерира уште поголем број на нови невработени. Дополнително, отворањето на границите ќе го поттикне и проблемот на brain drain со кој се соочувавме пред пандемијата. И затоа сметам дека сега е вистинското време компаниите да се свртат кон својата култура, да ја ревидираат стратегијата кон вработените и да се фокусираат на креирање мотивирачка атмосфера во која луѓето ќе работат, но во исто време ќе промовираат култура на личен развој.