Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе почне во среда, а први ќе се вакцинираат здравствените работници од Инфективната клиника

- Advertisement -

Министерството за здравство информираше дека во среда во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ќе почне вакцинацијата на здравствените работници кои работат во ковид центрите во цела држава.

Како што се вели во соопштението, вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника во Скопје. Пунктот во модуларната болница каде има 6 вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. Термините за вакцинирање ќе бидат на секои 10 минути.

- Advertisement -

Од Министерството додаваат и дека во текот на денот Националниот систем ќе испраќа списоци со имињата на здравствените работници кои сакаат да се вакцинираат до ковид центрите низ државата, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примат вакцината во модуларната болница во Скопје. Ковид центрите треба повратно да ги потврдат листите. На секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Вчера во земјата од Србија пристигнаа 4.680 дози вакцини од компанијата Pfizer. Со оваа пратка вакцини имунизација ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови, велат од Министерството за здравство.

- Advertisement -

(фото: Pixnio)

Сподели!
- Advertisement -