Шкотски научници открија начин како нуспроизводите кои се добиваат при производството на виски да ги искористат за нешто сосема поинакво – производство на биогориво. Со оглед на тоа дека само 10% од суровините во дестилериите се користат за правење виски, остануваат огромни количини отпад кој досега не се пренаменуваше за ништо.
Тие отпадоци се главно лушпи од јачмен и квасна течност. Не само што не се користат за ништо, туку дестилериите мора да платат за да се отстрани тој отпад. Сега една шкотска компанија откри начин како да ги претвори во одржливи хемикалии и годинава ја отвори првата рафинерија во Шкотска за преработка на отпадот од индустријата за виски.
Биогоривото кое го произведуваат може да се користи за автомобили, може да ги замени нафтените производи кои се користат во боите за фарбање или во средствата за чистење, па дури и за производство на еколошки средства за дезинфекција на рацете.
Компанијата Celtic Renewables планира годишно да рециклира по 50.000 тони отпад. Од тоа ќе се добиваат по 1 милион литри хемикалии со мала емисија на јаглерод диоксид. Тие се надеваат дека наскоро ќе можат својот бизнис да го скалираат на глобално ниво. Додаваат дека нивното гориво, биобутанол, може да се измеша со бензинот без да го оштети моторот на возилото. На тој начин ќе може да се намали емисијата на јаглерод диоксид од сообраќајот.
Иновациите како оваа се склучни за премин на глобалното општество на позелена енергија и замена на фосилните горива со поодржливи извори на енергија.
(World Economic Forum)
(фото: Pxhere)