Првиот привремен пејсмејкер во светот кој никогаш не мора да се отстрани од телото е наменет за користење после повреди или операција на срце. Во голем научен исчекор кој може значително да го подобри закрепнувањето на пациентите после кардиолошки операции научниците развија нов вид на привремен пејсмејкер кој не мора да се отстрани од телото затоа што целосно е направен од биокомпатибилни компоненти кои со тек на време се саморазградуваат.
Научници од универзитетите Нортвестерн и Џорџ Вашингтон дизајнираа привремен пејсмејкер кој може да го врати срцебиењето во нормала после операција или повреда. Досегашната технологија за привремени пејсмејкери вклучуваше ставање електроди на срцевиот мускул кои се споени на екстерна кутија и потоа мора хируршки да се отстранат после неколку дена или неколку недели откако ќе се врати во нормала срцевиот ритам.
Таа постапка може да доведе до ретки, но сериозни компликации како инфекции, крвни грутки и оштетени ткива. Алтернативата на научниците е целосно биокомпатибилен уред кој тежи помалку од половина грам и е дебел 250 микрони. Може да се вгради во срцето каде што низ интегрирани електроди емитува електричен импулс безжично црпејќи енергија од надворешна антена преку NFC. Тоа значи дека не се потребни гломазни батерии, жици или хардвер, а сите компоненти на имплантот може природно да се разградат и да се апсорбираат во телесните течности во текот на 5-7 недели.
Научниците досега уредот го имаат тестирано на глувци, стаорци, куни и кучиња, како и на модели на човечко срце, каде што се покажал ефикасен во стимулацијата на срце со различна големина. Целиот научен труд е објавен во списанието Nature Biotechnology,а можете да го најдете на овој линк.
(Vidi.hr)
(фото: Wikimedia)