Papa’s food, првата македонска сувенирница на храна лоцирана во Охрид

- Advertisement -

Храната како сувенир, а сувенирите како емотивна врска со дестинацијата. Ете вака би ја започнала сторијата за Димитар Јовчески-Мики, творецот на Papa’s food и на првата вистинска македонска сувенирница на храна лоцирана во Охрид.

Да….постојат гастро сувенири и најчесто се поврзани со многу славни туристички локации по светот. Охрид неодамна ја доби првата сувенирница за храна и со тоа поставува нови стандард дека производите и услугите во туризмот не се повеќе доволни за една туристичка дестинација. Сеќавањата и спомените..индивидуалноста на искуствата и допир до сетилата се новите иновативни начини кои ги форсира економијата на искустствата кога станува збор за туризмот, затоа што сѐ повеќе освестени туристи не купуваат услуга, туку доживување кое им овозможува спомен и сензација…тоа го има оваа мала продавница Papa’s Food – Local Aryisan Food сместена во една од убавите улички на стариот Охрид.

Новинар | Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Како започна приказната за Papa’s Food?

Приказната има корени од малото рибарско село Трпејца на Охридското Езеро.

- Advertisement -

Јас и мојата сопруга Наташа, која потекнува оттаму, имавме мал рибен ресторан. Јас, како исклучителен гурман и одличен аматер во кујна, скоро 20 години ги набљудував старите Трпејчнани кои работеа кај нас во ресторанот, како го прават •Охридското Макало•,  точно онака како го правеле нивните мајки и баби во минатото. 

Тоа село живеело од лов на риба и за да го прехранат семејството морале секој ден, без разлика дали температурите биле во минус или плус, да бидат во езерото за да ловат риба, а едно нешто што ги одржувало во здравје и кондиција да не се разболат, било макалото кое за нивните мажи го спремале секој ден после враќање од лов на риба намачкано на топло лепче од фурна. 

- Advertisement -

Ете тоа славно •Охридско макало• беше мојата идеја, идентитетот на дестинацијата, Охрид прикажан преку гастрономски сувенир. 

Така го осмислуваме првиот брендиран производ на Papa’s food. Името доаѓа како след на зборчињата кои ги кажуваше мојата ќерка Бистра кога се загреваше идејата.

Како течеше процесот да се креира успешен гастрономски сувенир?

Треба да се започне со визија и планирање. Не е доволно само добро да се знае кои се тие потенцијални гастро сувенири. Треба да се запрашате што туристите би барале? Што очекуваат? Што Вие би сакале да видат тие? Во што би сакале тие да уживаат? Од сите овие одговори потекнуваат сите методи на интерпретација.

И уште едно нешто треба да се запрашате…како да се обликува тој сувенир? Што може да се направи да би биле сигирни дека туристот нема само да го види тоа што му се покажува, туку и дека ќе го разбере, ќе ја почувствува традицијата или историјата, душата на местото…Гастро сувенирот е комплетна поврзаност со дестинацијата.

Да се вратиме на првиот од низата гастро сувенири кои ги промовиравте. Кога почувствувавте дека тоа е мигот да создадаете производ кој туристите ќе го сакаат?

Самите туристи кои доаѓаа во ресторанот и беа воодушевени од вкусот на Макалото, но немаа каде да го купат за да го однесат дома да го пробааат нивните блиски како доживување од Охрид. 

И така Тато почна да експериментира со Макалото да дојди до некоја совршена формула прифатлива за сите. Оттука и вкусот на Papa’s Food макалата има еден совршено балансиран вкус кој не се заборава. Или,,,”Тоа е Макалото на Тато (Papa’s)”…. како што вика мојата ќерка Бистра. 

Губите и тараната, пак се нешто што традиционално се правело во Трпејца и скоро да немало куќа каде не се правеле Губи и Тарана во месец август кога нема врнежливи денови. По истиот рецепт денес се прават и нашите Губи и Тарана со домашни јајца и млеко. На фотографиите во нашата продавница ќе видите стари фотографии на кои е мојата сопруга Наташа, како дете е фотографирана со нејзината баба и мајка ….а денешната фотографија на Наташа и Бистра пред истите фотографии е убав потсетник колку спомените од детството можат да се преточат во начин на живот.

Колку обрнувате внимание на состојките?

За производство ги користиме само најквалитетните состојќи и САМО МАКЕДОНСКИ ЛУК кој се произведува исклучиво од СТАРО МАКЕДОНСКО СЕМЕ кое се пренесува од генерација на генерација. Тоа е нешто незаменливо. Во овој момент имаме Макало Класично со лук, сончогледово масло, вински оцет (тоа е традицијата бидејќи овде имало отсекогаш вино, па од него правеле виски оцет и го дава вистинскиот шмек на макалото) и сол, без никакви адитиви додатоци за згуснување и слично. Потоа имаме макало со Ореви кои се 100 % органски од селото Косел во близина на Охрид и макалото со лешник, кој го набавуваме од локални органски сертифицирани производители на лешник.

Тоа е тоа трио кое сега го нудиме. Имаме и слатко од диви смокви од Трпејца, домашен џем од малини и аронија….се е од наше локално производство.

Кои се вашите клиенти и купувачи? 

Нашите клиенти се главно туристите странци што доаѓаат во Охрид за конечно да пробаат нешто автентично од нашиот крај, но тука не изостануваат и туристите од Македонија кои сакаат поинаков пристап на туризмот и поинакво искуство на оваа за нив позната дестинација. 

Тука може да се спомне и еден од многуте комплименти кои ги добиваме во нашата специјализирана продавница за исклучиво македонски производи и само посветена на мали производители на традиционални производи за што сме особено горди. Во нашиот дуќан во срцето на стариот дел во Охрид, кој гордо во време на пандемија го отворивме и многу ентузијастички… доаѓаат гости од цел свет и можат да дегустираат се што има кај нас: макало, ајвар, вино, ракија, путер од лешник, крем од вргањ, слатко и џемови, македонско макало со артичока …. и многу други поизводи исклучиво мали производители кои можат да се најдат само кај нас. Тоа е вистинска македнонска сувенирница за храна која и недостасуваше на Македонија.

Во бизнисот е вклучено семејството кое си ја сака традицијата и љубовта кон родниот крај….

Да, го споменав семејството. Mојата сестра Тања Јовческа-Арнаудовска е исто така значаен сегмент во нашата приказна. 

Ние во нашиот специјално дизајниран простор правиме дегустации за гостите и освен нашите производи, Papa’s Food е локација за врвна македонска храна и вино, создадена од мали производители на традиционални македонски производи кои ги краси семејна традиција. Многу ние значајно тоа. 

Кога сме кај семејствата, ние сме членови на уште едно значајно семејство за нас, тоа е Слоу фуд Македонија, кои не препознаа и сме горди што станавме дел од тоа движење, каде сите меѓу себе се поддржуваме за промоција на Македонските мали производители и каде запознавме прекрасни луѓе од тие заеднички средби кои ни давааат инспирација за нови проекти.

Како да се продолжи оваа ваша иницијација за пософистициран однос кон гастро сувенирите? 

Темелната задача на сувенирот е да потсети на местото, културата и друштвото кое се запознава и каде се минува одредено време. Кај нас во Македонија се знае за крушевскиот локум, за буковската пипер….и тоа се светли примери како гастро сувенирот треба да биде препознатлив и оригинален и врзан за културниот идентитет на една микролокација. Во светот, по бројноста на сувенирите на некоја земја се огледува нејзината културна традиција, автохтоност и посебност. Гастро сувенирите се исклучително важни во овој сегмент. Но, мора да размислуваме и за посебноста на гастро сувенирите, како се спакувани, брендирани и презентирани. Мора да има во себе нешто што е посебно. Направен со фантазија, со стручност на тим кој стои позади креатива, дизајн на лого на бренд и слично—естетиката е суштинска. Како и квалитетот.

Ако сакаме креативен туризам, мора да имаме и креативни сувенири.  

Кој е најдобриот комплиемент кој досега сте го добиле?

Најдобар комплимент е тешко да се издвои но еве бидејќи сме во постојан близок контакт со странски туристи ќе издвојам една средба минатото лето 2021 кога ни дојдоа гости од Шпанија каде лукот се конзумира во големи количини и од каде потекнува нивното ајоли (кое нема врска со нашето макало и се прави со јајце) едноставно “wow” рекоа за спојката, соодносот и нешто што прв пат пробувааат тоа беше макалото со лешник и орев. Едноставно беа воодушевени и не им се веруваше колку добро се споени лукот со лешникот и оревот. 

Кој е најдобриот совет кој сте го добиле?

Кога сакаш нешто вистинки да направиш, не се отажувај – можеби не е во моментов, секундата, сатот, денот твоети време…но утре ќе биде сигурно. 

Не се откажувај. 

За што сонувате?

Сонувам да доаѓаат луѓе од целиот свет специјало за да ги пробаат во Македонија нашите вистински традиционални производи направени од малите производители и да ги направат славни по светот. Да истражувааат за нашите скриени мали места, поврзани со гастрономијата и да го почувствуваат духот на нашите места на кои храната има поинаков вкус.

Сподели!
- Advertisement -