Ана Чаушоска од Скопје е млада дизајнерка која е студент на Академијата за уметности од Нови Сад. Таа е дел од тимот LabRats, заедно со Јован Булатовиќ и Енсар Шаќировиќ кои ја креираа видео играта „Fridge Organizing“. Иако се уште е во фаза на тестирање играта е вистински хит меѓу корисниците и има над 3,5 милиони симнувања, а почна и да заработува сериозни суми.
Ана, во интервју за Иновативност вели дека тајната на нивниот успех постојано следење на трендовите и вкусот на публиката во комбинација со напорна и посветена работа.
Новинар – Сања Наумовска
Ана, кажи ни детали за вашата нова видеоигра „Fridge Organizing“ која станува хит меѓу корисниците.
Видео играта „Fridge Organizing“ почнавме да ја правиме во ноември минатата година, а не инпирираше Тик-Ток трендот за организирање на предмети. Се работи за тренд на релаксирачки игри кој треба на корисниците да им понуди забава што ќе ги опушти и ќе им го пополни времето додека патуваат, чекаат или се одмораат. Конкретно, ние решивме да создадеме игра за организација на фрижидер. Не поттикна моментот дека поставувањето на предметите во некој ред и хармонија нуди задоволство, а во реалниот живот ретко кој навистина го прави тоа, односно ретко кој има расположиви ресурси или пак време за слична активност.
Накратко, играта „Fridge Organizing“ значи купување на намирници и нивно подредување на полиците во фрижидерот. Тие се така конструирани да предметите идеално се вклопуваат, што е дел од задоволството што се доживува.
Колку корисници има видеоиграта во моментот?
Во моментов има околу 3,5 милиони корисници од целиот свет, а заработката е околу 350.000 долари.
Како се состави тимот LabRats?
Јас и Енсар студираме на Академијата за уметности во Нови Сад, додека Јован е на ЕТФ во Белград. Слушнавме за CrazyLabs преку еден од нашите професори на факултет затоа што баравме практикантска работа. Јас и Енсар сме дизајнери, а за да успееме да влеземе во програмата ни требаше и програмер, па така ни се придружи и Јован. Праксата траеше четири месеци, а задачата беше да изработиме hyper-casual видеоигри. Следевме трендови, анализиравме што ги интересира луѓето во моментов, што е истовремено и забавно и релаксирачко. Една од идеите ни беше организацијата на фрижидерот и ете, за нас неочекувано, но постигнува голем успех.
Какви ви се плановите околу „Fridge Organizing“, дали планирате да ја доработите?
Да, токму во моментов работиме на подобрување на некои акспекти на видеоиграта. Ја надоградуваме, се уште е во фаза на тестирање, за сите нас тројца ова е прв голем и сериозен проект, па го работиме со голема посветеност и внимателност. Сакаме видеоиграта да биде најдобра што може и да продолжи со успешниот тренд меѓу корисниците.
Кои се твоите планови за во иднина?
Јас сум се уште студент на Академијата за уметности, на насоката дизајн на видеоигри. По некоја случајност практиканството се претвори и во работен однос, па ангажирана сум активно и на работа на видеоиграта. Сакаме да ја завршиме и да ја издадеме на двете платформи, но тоа нема да значи дека тука ќе престанеме. Постојано ќе работиме и на додавање на нови содржини за да биде атрактивна и интересна за играчите.
Што се однесува до моите лични планови, иако сега сум во позиција на дизајнер на видеоигри сакам да бидам концепт артист, бидејќи тоа е тоа со што се занимавам и сакам да го работам.