Како Мелина Тапранци им помага на малите грчки производители на храна да продаваат во Њујорк?

- Advertisement -

Мелина Тапратци e прекрасна млада жена која успешно води социјално претпријатие во Грција. Таа буквално е посветена на мисијата малите производители на традиционални грчки производи, дури и од најдалечните острови, да најдат свој пласман на домашни и странски пазари и да имаат доволно приходи да останат да живеат и работат дома.
Прекрасна мисија која за среќа е успешна. Mелина имав задоволство да ја запознаам во Баку, Азербејџан на конференција за социјално претприемништво и да ја пренесам нејзината мисија. Длабоко верувам дека оваа бизнис приказна е апликативна во секоја од земјите од регионот, кои изобилуваат со природни производи, зачувана традиција и семејства кои се уште произведуваат храна како нивните предци.

Ова е инспиративната приказна за Wise Greece!

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

Wise Greece е социјално претпријатие со двојна мисија. Од една страна, ги поддржува малите фармери и производители на храна да ги продаваат своите продукти, а профитот од продажбата го користи за снабдување со храна на сиропиталишта, јавни кујни и други добротворни институции. Ова претпријатие од една страна ги продава производите и им помага на малите производители да имаат финансиски одржлив бизнис, а од друга страна од истите производители купува продукти и ги донирана луѓе од социјален ризик на кои им се потребни.

Како функционира машинеријата којашто стои позади оваа платформа? Како ги наоѓате производители? Колку производители моментално има на платформата и кои механизми ги користите за да им помогнете со продажбата?

- Advertisement -

На почеток ни беше доста тешко да најдеме производители затоа што во 2013 година, кога почнавме, тоа беше иновативна идеја. Во Грција во тој период концептот социјално претприемништво не беше многу познат. Слична е ситуацијата и сега. На почеток практично моравме да ги молиме производители да се приклучат на платформата. Сега имаме околу 250 барања од производители да ни се приклучат. Моментално работиме со 100 производители. На почетокот го прифаќавме секој што беше заинтересиран да ја поддржи нашата идеја, но сега ги избираме производителите и производите кои ги немаме во портфолиото, или производители од региони кои сакаме да ги промовираме, избираме одржливи или органски производи и сл.

Кои механизми ги користите?

- Advertisement -

Продаваме во мали продавници, не во супермаркети, пред се, затоа што производителите можеби нема можат да снабдат поголеми количини и затоа што не сакаме да им конкурираме на гигантите на пазарот, затоа што тоа е невозможно. Директно ги контактираме продавниците и им објаснуваме што работиме. Но, истовремено имаме многу барања од продавници да ги приклучиме во нашата продажна мрежа. Иста е ситуацијата и со извозот. Една продавница може да избира од над 2.500 производи, па лесно им е да го изберат она што сакаат да го продаваат. Генерално, тие се импресионирани од Wise Greece и сакаат да го поддржат она што го работиме. Затоа сами ни се јавуваат и бараат да ги продаваат нашите производи.

Дали тоа значи дека соработувате со деликатесни продавници кои се популарни во Грција? Како им ја презентирате вашата мисија и работа?

Не баш. Претежно се мали локални продавници.

Користиме постери и друг рекламен материјал кој го дистрибуираме преку продавниците. Потоа, директно разговараме со сопствениците. Затоа и работиме со помали продавници, затоа што сакаме сопствениците да се лично инволвирани со купувачите и да им објаснат што е она што ние го работиме. Затоа не работиме со сумпермаркети затоа што никој таму нема да им објасни на купувачите каква компанија сме. Исто така, многу сме транспарентни во работата, активни сме на социјалните медиуми, испраќаме билтени за нашите донации. Така ги убедуваме купувачите дека нашите производи се добри и дека имаме социјален импакт со нашата работа.

Какви се производите имате во портфолиото? Може ли со нас да споделите некои интересни приказни од вашата работа?

-Ги имаме сите типични грчки производи, производи потребни за готвење како маслиново масло, маслинки, зачини, тестенини, џемови итн. Но, се трудиме да ги промовираме иновативните грчки производи. Еден пример за тоа се разгледници кои се полни со зачини. Можете да ги испратите каде било во светот и тој ќе ги добие да ги користи зачините за готвење. Исто така, имаме грчки салати во тегли. Станува збор за еден вид сос, а инспирацијата доаѓа од грчката салата. Тој производ, всушност, ја доби наградата Great Taste во Лондон. Значи, ги имаме сите секојдневни производи, но истовремено го промовираме она што се произведува во Грција денес и разните иновации на производителите.

Имате ли и козметички производи или само храна?

-Имаме и нешто од природна козметика. Тоа не се производите на Wise Greece кои најчесто се промовираат, но имаме природни козметички производи главно базирани на маслиново масло. Ќе ви кажам еден пример. Софија е жена-производител која живее на еден многу мал грчки остров. Таа беше очајна кога не контактираше пред три години и сакаше да го напушти селото каде што живее затоа што и беше тешко да го одржи во живот својот бизнис во толку мало село и да обезбеди приходи за себе и за своето семејство. Беше навистина очајна и мислеше дека нема шанси да преживее на тој начин. Разговараше со мене и ја убедив да почека и да пробаме како ќе оди продажбата преку нашата платформа. Сега преку Wise Greece ги продава своите производи дури во Њујорк. Тоа не ја направи милионер, но и даде надеж дека може да успее. Најчесто тоа е токму она што им треба на луѓето – некој да им даде надеж дека се ќе биде добро и да ви даде конкретна подрршка.

Малите производители и бизнис не сакаат да направат големо богатство, туку да имаат доволно приходи за да го финансираат идното производство и мислам дека најбитно им е задоволството дека некој навистина ги користи нивните производи.

Токму така. Тие нивните производи ги прават со љубов, а не како индустриското производство каде што најбитна е продажбата и профитот. Исто така, има разлика и во производите кои се прават на тој начин. На пример, еден доматен сос кога се прави на лето ќе биде поцрвен и посладок затоа што такви се доматите. Кога се прави на зима ќе биде поблед и помалку сладок. Токму тоа сакаме да ги едуцираме и купувачите да знаат дека не можат да бараат идентични производи. Ако сакаат идентични производи, ќе мора да користат индустриски произведени. Исто така, сакаме да ги едуцираме дека некои производи произведени од мали бизниси не се достапни цела година. На пример, ако сакате џем од лубеница, можете да го купите само на лето. Тоа е еден вид на едукација за нашата исхрана.

Како добивате фидбек од купувачите?

Тоа е навистина тешко затоа што најчесто немаме директна комуникација со купувачите. Нивните желби и мислења ги дознаваме преку сопствениците на продавниците. Тоа е малку комплицирано затоа што сопствениците најчесто се водат од своите желби при изборот на производите кои сакаат да ги продаваат. На пример, ако тие сакаат печурки, ќе продаваат производи со печурки. Тоа не е логично затоа што ако еден човек сака да јаде нешто, не значи дека и сите други го сакаат истото. Значи, најчесто фидбекот го добиваме од сопствениците на продавниците, некогаш добиваме фидбек од онлајн продажбата, од настаните кои ги организираме за дегустација и слично. Но, најтешко е да се добие искрено мислење од купувачите, особено затоа што не сакаме купувачите да ги купат нашите производи само еднаш затоа што сакаат да не поддржат. Сакаме да ги купуваат производите затоа што им се допаѓаат и затоа што сакаат да ја поддржат нашата мисија.

Споменавте дека имате извоз за Њујорк? Како го остварувате тоа? Ги користите вашите контакти таму или имате поддршка од грчката амбасада и некои други институции кои ги имате во САД?

Најчесто нема поддршка од амбасадите за извоз или продажба. Тие претежно не повикуваат на настани или не поддржуваат во други работи на полето на културата. Може да се рече дека индиректно ја имаме поддршката од амбасадата и другите грчки институции во САД, но немаме директна поддршка.

Значи, вие самите ги наоѓате местата каде ќе продавате?

Да, или тие не наоѓаат нас.

Зборувавме доста за правниот аспект на социјалното претприемништво. Дали Грција има посебна законска рамка за социјалните претпријатија, некакви даночни олеснувања и слично?

Постои законска рамка за социјални претпријатија, но за жал е доста непрецизна и има многу ограничувања. Тоа не треба да биде така. Овде, на пример, мора да имате посебен правен субјект ако сакате да биде социјално претпријатие. Тоа е налудничаво. Во која било друга европска земја. како Шпанија или Обединетото Кралство, кои се пионери на полето на социјалното претприемништво, можете да имате каков сакате правен субјект. Секако ќе се сметате за социјално претпријатие ако имате социјален импакт. Во САД, пак, има уште поголема слобода. Грција мора да има некакви даночни олеснувања за социјалните претпријатија, но според мене, најбитна е едукацијата на таа тема. Особено затоа што младите тинејџери или студентите не знаат што е социјално претприемништво и не знаат дека тоа може да биде нечија професија, дека тоа може да биде нечија работа. Не мора да бидете само технолошки стартап, туку може да биде и социјално претпријатие. Да знаат дека може да се живее од тоа. Мислам дека ако во Грција има повеќе социјални претприемачи и ако сфатат дека тоа може да биде нивна професија, ќе придонесеме да се смени законската рамка. Од друга страна, не постои некаква глобална или европска алатка за мерење на импактот на социјалните претпријатија и да се споредува импактот помеѓу претпријатија од различни земји.

Досега зборувавме за делот за бизнисот. Кажете ни повеќе за ониe коишто имаат бенефит од вашата работа .

Ние поддржуваме домови за деца без родители, јавни кујни и други добротворни институции во Грција и само ги снабдуваме со храна. Се обидуваме да ги снабдиме со сите потребни состојки за готвење на целосен оброк. Секогаш им даваме висококвалитетна храна, а не нешто со поминат рок или слично. Но, исто така ги снабдуваме и со скапи продукти како што екстра девствено маслиново масло или мед, кои никој не ги донира затоа што се скапи. Најчесто им донираат тестенини, ориз или леќа. Но, особено децата не може да растат јадејќи само тестенини, тоа е навистина нездраво за нив. Токму затоа се трудиме да обезбедиме висококвалитетни и скапи производи кои никој нема да им ги даде бесплатно.

Колку вие како компанија пораснавте во изминатите години?

Многу, затоа што како што споменав, почнавме со еден производител, а сега работиме со 100. Мојата идеална визија би била да не постоиме повеќе. Сакам да кажам дека посакувам Грција да не е во ваква ситуација во иднина и да нема потреба да постоиме. Знам дека тоа нема да се случи преку ноќ. Сакаме да поддржиме што повеќе производители од цела Грција, да извезуваме во повеќе земји. Вусшност, сега работиме на многу едукативни курсеви за жени за да им помогнеме да станат претприемачи и да излезат од сиромаштија и немање работа. Wise Greece работи на многу проекти. На тој начин сакаме да постигнеме максимален социјален импакт и да овозможиме остварување профит од некои области на кои не сме работеле.

Тимот на Wise Greece брои десетина лица, но имаме и 60 волонтери кои ни помагаат во одредени проекти. Ние сме мал и флексибилен тим.

Сподели!
- Advertisement -