Со освојување на бронзен медал во проектирање на водоинсталации младиот Филип Јованов, со потекло од Радовиш, се вброи во редот на шампиони за 2022 година на претсижниот натпревар на вештини кој се одржува во рамки на саемот SwissSkills2022 во Берн, Швајцарија. Јованов е еден од над 1.100 натпреварувачи во 85 најразлични професии кои во изминатите денови пред бројните посетители на оваа манифестација практично ги презентираа своите вештини стекнати во дуално образование.
За новинарите од Македонија присутни на националниот шампионат Јованов објасни дека мотивот да се занимава со водоинсталатерство му дошла од неговиот брат кој исто така се занимава со оваа професија. По завршување на тригодишното остручување и две години поминати на работа тој решил да се усоврши со дополнителна обука за проектант на водоинсталација и токму во оваа категорија се докажува како еден од најдобрите.
Колку се ценат професиите во Швајцарија и стручното образование докажува шампионатот SwissSkills2022 кој организациски наликува на Евровизија, привлекува масовна публика и огромно медиумско внимание. Најдобрите паркетари, електричари, фризери, цвеќара, лозари, ѕидари, графичари, веб дизајнери, медицински и лабораториски техничари, хотелиери, сомелиери, автомеханичари, месари, пекари моделари, козметичари, плочкари, метал конструктори, мехатроника, изолатори, проектантите на вентилација и водовод … вкупно 150 професии се високо на пиедесталот. Најдобрите од дуалното образование во Швајцарија добиваат признание за усвоените вештини и унапредување на професиите и обврска со својот успех да ги мотивират децата од основно да се одлучат за дуално образование кое во Швајцарија покрива повеќе од 250 професии.
Вака беше вчерашната атмосфера на SwissSkills2022:
Историјата на SwissSkills почнува во 1953 година кога Швајцарија прв пат учествува на меѓународни натпревари за стручни вештини, а во 1963 година се организира во Берн. Форматот се зголемува од локално, кантонално и национално ниво, но сепак фунцкијата на саемот останува координирање, организација и промовирање на швајцарските првенства за стручни вештини, како и учество на светски првенства за стручни вештини. Во 2014 година се организира првото централно швајцарско првенство во Берн, додека во 2017 година SwissSkills преминува во јавно-приватно партнерство помеѓу државните институции, асоцијации и здруженија и приватниот сектор, со голема поддршка од медиумски партнери. Со подобрен формат, во 2018 беше организирано второто централно швајцарско првенство за стручни вештини кое достигна 120.000 посетители, со промоција на 135 различни занимања.
Новинарите кои известуваат од овој настан се овде преку проектот „Образование за вработување“ https://www.e4e.mk/ кој ги поддржува реформите за стручно образование во Севеврна Македонија, а е поддржан од швајцарската Влада.