Професорот Димитрија Ангелков и ученичката Викторија Арсова направија паметен топломер што мери телесна температура и ја изговара на македонски јазик

- Advertisement -

Професорот Димитрија Ангелков е македонскиот иноватор кој низ годините потпиша десетици изуми како интерактивната училишна табла, паметната канта за рециклирање, паметен респиратор, бел асфалт…. Еден од последните изуми е првиот македонски паметен топломер, што измерената телесна температура ја кажува на македонски јазик, а може да го користат и луѓе со оштетен вид и слух. Најновата иновација на професорот Ангелков е наградена со прва награда на Макинова 2022 и е подготвена за комерцијализација.

Во Интервју за Иновативност Ангелков вели дека сака да соработува со компании кои се заинтересирани да го произведуваат паметниот топломер, бидејќи целта на сите негви иновации е да им го олеснат животот на корисниците.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Професоре Ангелков, објаснете ни што е вашиот најнов изум, паметен дигитален телесен топломер?

- Advertisement -

Паметниот термометар е уред кој ја мери температурата на човечкото тело, развиен заедно со мојот ученик Викторија Арсова. Она што е карактеристично за нашиот изум е што е прв ваков уред што има можност да ја изговори измерената температура на македонски или на било кој друг јазик што го користи корисникот. Паметниот топломер активира и звучен аларм доколку нагло расте температурата на лицето кое го носи.

Многу е лесен и лесно пренослив, се полни на стандарден полнач за мобилен, може да се поврзе со било кој паметен уред-мобилен, лаптоп или компјутер и да нацрта графикони од движењето на телесната температура. За оваа функција имаме развиено и апликација која преку машинско учење ја чита температурата која е запишана во внатрешната меморија на уредот и податоците ги префрла во компјутерот. Така, може да следиме во кои периоди расте или се намалува. Во секој смарт топломер има два сензори и два термометри за споредба кои ја мерат температурата на телото и на околината.

- Advertisement -

Како може да се користи смарт топломерот?

Уредот се закачува на подлактицата и може да ја следи температурата на телото во текот на 48 часа само со едно полнење на батеријата. Идеален е за повозрасни лица, за луѓе со пречки во видот или слухот, за родители со мали деца, но и генерално за сите заради едноставноста на употребата. Димензиите на топломерот овозможуваат лесно да може да се прицврсти на телото и да не пречи во секојдневната работа или во спиењето. Многу е практичен бидејќи е прилагодлив буквално за сечија потреба. Точноста на мерењето на температурата е 0,1 степени, мери температура од 35 до 43 степени и под и над овие граници се активира аларм доколку се појави хипотермија или хипертермија. Исто така, доколку температурата почне нагло да расте повеќе од нормалното или да паѓа поспоро од очекуваното, уредот автоматски вклучува звучен аларм за да се реагира навреме.

Пронајдокот Телесен топломер со изговор на повеќе јазици и вибрации за лица со посебни потреби доби прва награда за пријавен патент и прва награда на Макинова 2022

Како можат да го користат луѓето со оштетен вид или слух?

За лица со оштетен вид е многу практичен е бидејќи ја изговара температурата на јазикот на корисникот. Режимот за лица со оштетен слух е преку сигналните вибрации. Така, доколку температурата е во рангот од 37 до 37,5 степени смарт топломерот вибрира еднаш, доколку е во рангот од 37,5 до 38 вибрира двапати и така натаму на секој половина степен.

Секако, намената е да го користи секој, без разлика на возраста или професијата. Особено е добро и практично решение за децата кои се подложни на настинки и за нивните родители кои мораат постојано да ја следат температурата, особено ноќе. Со употреба на паметниот топломер не мораат да не спијат бидејќи доколку се качува температурата ќе се активира алармот.

Зошто направивте ваква иновација, од каде произлезе идејата?

Првенствено заради тоа што и јас сум родител на мали деца, кои често настинуваат и ја знам од лично искуство загриженоста на родителот кога детето има температура. Истовремено, пандемијата на Ковид 19 ни покажа дека температурата на телото е многу важна за следење на текот на инфекцијата.

Овој уред е од особено значење бидејќи постојано ја следи температурата додека се носи, а податоците лесно можат да се префрлуваат на телефон или компјутер за да се зачуваат или да се споредуваат.

Неодамна добивте и награда за овој пронајдок. Планирате ли да го комерцијализирате?

Пронајдокот Телесен топломер со изговор на повеќе јазици и вибрации за лица со посебни потреби доби прва награда за пријавен патент и прва награда на Макинова 2022, со што добивме потврда дека сме направиле навистина практично и корисно решение. Сакам да се комерцијализира и отворен сум за сите компании кои би биле заинтересирани да соработуваат. Целта на сите мои иновации е да се применуваат во праксата, тоа е мојата најголема награда. Многу сум задоволен што интересот и за интерактивната училишна табла и за паметните канти за рециклирање е голем и што постојано се нарачуваат нови.

Сподели!
- Advertisement -