„Гордион Амбер“ е крафт ракија во која се вткаени благата медитеранска клима на југот на земјата и вековната традиција на одгледување лозја и производство на ракија, која се пие во добро друштво и со квалитетна храна.
„Гордион Амбер“ е дело на гевгеличанецот Александар Попов, кој ја создал Гевгелиска дестилерија за на овој пијалок да му го даде заслуженото место на пидесталот во нашата традиција. Александар, не само што прави ракија за мерак, тој сонува Гевгелија и дестилеријата да бидат дел од светскиот дегустаторски туризам, а приказната за шмекот на „Гордион Амбер“ да стигне до што повеќе луѓе.
Новинар – Сања Наумовска
Александар, раскажете ни ја приказната за ракијата „Гордион Амбер“ и за вашата дестилерија.
Нашите први лозови насади се од 2016 година. Следната година произведовме мала количина ракија, која ја оставивме да созрева во дабови буриња. Ракијата беше одлична, со автентичен вкус и арома, а реакциите на оние кои ја пробаа, како и на професионалните дегустатори, беа многу позитивни. Така се охрабривме да размислуваме и за изградба на модерен капацитет и да вложиме во современа опрема. Целта беше јасна – да се произведе традиционален производ – крафт лозова ракија без додадени вештачки ароми, синтетички адитиви и без конзерванси. Оттогаш, приказната на Гевгелиска дестилерија, продолжува преку приказната за бренд ракијата Гордион Амбер. Името асоцира на географското потекло – Гортинија, старото име на Гевгелија, добиено по кралот Гордион, но и на богатата килибарна боја по која е препознатлива нашата ракија. Во целата приказна има и многу ќеиф, многу лични моменти, но и многу мајсторлук собиран низ годините. Од друга страна, постојаната едукација е клучна за целиот план на функционирање и на дестилеријата и на самиот бренд.
„Гордион Амбер“ се прави со комбинација на традиционалниот начин и француска експертиза. Кои се нејзините карактеристики и како дојдовте до совршениот рецепт?
„Гордион Амбер“ е крафт ракија, која се произведува со процес на двојна дестилација на младо вино, по прецизно дефинирана и нијансирана рецептура, во традиционален аламбик казан. За производство на ракијата се користат квалитетни и внимателно селектирани сорти грозје од прва класа, кои се одликуваат со здраво зрно, соодветен број шеќерни единици, правилно оформен грозд и без дополнителни примеси. Следејќи ги стандардите на врвните производители на ваков тип пијалаци, за производство на „Гордион Амбер“ се користи исклучиво срцевината од дестилатот. Ракијата се чува во буриња изработени од стогодишно француско дабово дрво што ѝ дава дополнителен луксузен шмек. Процесот на производство е целосно заокружен и строго контролиран од почеток до крај. Нашите врвни мајстори со голема љубов и посветеност ја создадоа оригиналната рецептура на „Гордион Амбер“. Затоа нашите пријатели и поддржувачи велат дека секое шише е возбудлива приказна коe нуди уникатно доживување. Среќни сме што сме веќе препознатливи по тоа.
Ракијата е дел од македонската традиција исто како и виното. Има ли потенцијал овој бренд да се развива повеќе и поинаку?
Секако дека има. Ние сме поднебје кое изобилува со органско овошје, со прекрасно лозје, со многу сончеви денови, а тоа пак ни дава одлична основа за она што го работиме. Тука е и долгата традиција на правење вино и ракија. Речиси и не постои македонска фамилија во која дедовците и прадедовците не правеле вино и ракија за свој ќеиф, за душа, за семејните прослави и собирања. Казаните и бурињата се составен дел од речиси секоја сценографија во многу домови. Оваа прекрасна приказна која е дел од македонското тло, тимот на Гевгелиска дестилерија надградува со многу знаење, со наука, со вложување во човечкиот потенцијал, но и во погонот граден според светски стандарди. Многу семејства кај нас правеле или прават ракија, имаме одлична суровина, но квалитетот на ракијата беше и се‘ уште е потценет. Токму квалитетот и уникатните карактеристики на „Гордион Амбер“, во кои вложивме многу труд, ја прават нашата ракија различна на пазарот. Секако, тука е многу важна и едукацијата на луѓето за да можат да го препознаат квалитетот и единственоста на крафт пијалакот. Да знаат дека и во Македонија има висококвалитетна ракија со уникатен вкус што нуди возбуда.
Имавте ли и вие претходно семејна традиција за правење ракија?
Гевгелискиот регион е познат и по производство на грозје и по ракија. Занаетот, мајсторијата постои, но најчесто немало услови и регулатива за да може да се отворат вакви погони. Тоа пак доведе до ситуација да се произведува, продава и купува сè и сешто. Лошиот квалитет носи и лоша цена. Затоа ние многу внимание обрнуваме на едукацијата на луѓето и на менувањето на свесноста за тоа како се консумира добра ракија. Јас лично започнав од љубопитност и како хоби, но многу се водев и од искуството и знаењето на старите мајстори. Сакав знаењето и желбата да ги искористам за да создадам автентичен македонски производ кој пред сè ќе се поврзува со гевгелискиот регион. Сметам дека нашето брендирање и препознатливост е влог и во препознатливоста и развојот на целиот регион.
Треба ли ракијата почесто да биде дел од туристичките понуди во земјава?
Не само што треба, туку сметам дека тоа е единствениот современ начин за пласман на висококвалитетната ракија. Затоа Гевгелиска дестилерија не е само произведствен погон, туку и мини-центар за едукација на млади дестилери, на поширока публика, но и мало симпатично место кое со широко срце и широко отворени врати ќе ги пречека сите мераклии, гурмани, трагачи по нови возбуди и авантури. Неодамна ја отворивме сезоната на дегустација. Веќе имаме креирано неколку понуди и тури кои не подразбираат само консумирање на нашиот „Гордион Амбер“ во комбинација со храна, туку и можност да се научи нешто ново. Одблузу да се запознаат со просецсот на дестилирање и да ги видат нашите насади.
Како што реков, нашиот регион е прекрасен, природата восхитувачка, ги имаме сите предуслови со ракијата да се впишеме на светската дегустаторска мапа. Дегустаторскиот туризам е во подем, а ние како земја имаме огромен потенцијал да бидеме дел од него.
Какви се реакциите на вашите клиенти? Што е тоа што вашата ракија ја одвојува од другите?
Многу убави реакции ни стигнуваат од сите страни. Од самиот почеток нашата енергија беше препознаена од куп добронамерници, знајни и незнајни луѓе, чии совети ги прифативме и спроведовме онаму каде што сметавме дека треба. Среќни сме што „Гордион Амбер“ е веќе препознатлив, почитуван и консумиран од луѓе со префинет вкус и од софистицирани познавачи. Нашата здравица „голтка смелост“ станува општоприфатлива здравица, а сето тоа само нѝ дава за право да веруваме дека сме на добар пат. Многу е интересно дека килибарниот „Гордион Амбер“ има многу приврзаници меѓу уметниците и креативците, што пак дава додадена вредност на неговиот шарм. Во нашите тури, како и во нашите размисли за општествено-одговорната пракса, искрени надежи полагаме и во поддршката на уметноста.
Какви се вашите планови за во иднина? Како ќе се развива Гевгелиската дестилерија?
Во моментов сме фокусирани на турите, на креирањето различни понуди, согласно профлот на луѓе кои сакаат да нè посетат. Така освен дегустација и едукација, нудиме опција и за прошетка низ нашите насади при што одлблизу ќе се видат сите убавини на недопрената природа. Тука се и турите во кои е вклучена и културно-уметничка програма, односно креирање содржини кои на луѓето ќе им овозможат незаборавно искуство што ќе биде заокружено со мини-забава. Продолжуваме и со вложување во нашиот едукативен центар, со покана за сите млади луѓе да се образуваат за процесот на дестилирање и можност за нивно понатамошно вработување. Освен во своите потенцијали, ние инвестираме и во локалната економија и во визијата за развој на регионот и на нашата земја.