Десетици милиони луѓе во САД и Канада вчера беа под алармантни нивоа на аерозагадување откако чадот од шумските пожари во Канада се придвижи на југ, претворајќи го небото на некои од најголемите градови во кафеава и портокалова боја.
Американските градови Њујорк, Масачусетс и Конектикат издадоа предупредувања поради високото загадување на воздухот, а метеоролошките институции предупредуваат граѓаните да го ограничат излегувањето на отворен простор.
Во Њујорк, каде се очекува ситуацијата да се влошува во текот на денот, јавните училишта ги откажаа сите настани на отворено.
Чадот од шумските пожари се движи на југ кон САД од мај. Стотици пожари горат во Канада од западните провинции до Квебек на исток, каде има повеќе од 150 активни пожари во невообичаено интензивниот почеток на летото.
Њујорк вчера имаше најзагаден воздух од било кој друг голем светски град, според платформата IQAir. Вториот најлош беше пакистанскиот град Лахоре, додека следниот најлош американски град беше Детроит, кој се најде на 13 место.
Мирисот на чад можеше да се забележи во Њујорк од вторникот во текот на вечерните часови, а небото стана портокалово и воздухот стана видливо загаден во текот на ноќта.
„Препорачуваме сите Њујорчани да ги лимитираат своите активности на отворено најмногу што е можно. Оние со хронични респираторни проблеми, како и децата и повозрасните се особено чувствителни и треба да останат во затворено цело време“, изјави градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс.
Студија од 2021 година, поддржана од американската Национална асоцијација за океани и атмосфера, покажа дека климатските промени се главниот двигател на растот на жешкото и суво време на западот од САД.
До 2090 година глобалните шумски пожари се очекува да се засилат во интензитетот за дури 57% поради климатските промени, покажува друга студија на Обединетите нации од минатата година.
Извор – Мета
Фото – Национален метеоролошки центар Њујорк