Мирјана и Марина Ангелески се свекрва и снаа познати по највкусниот мармалад од шипка и најшарените куглофи

- Advertisement -

Мирјана и Марина Ангелески не се вообичаени свекрва и снаа. Нивниот однос не е ниту како на мајка и ќерка, тие едноставно се разбираат како најдобри пријателки. Разговорот со двете оди многу лесно и опуштено, на сите теми поврзани со животот, работата, семејството, но најмногу, секако зборувавме за нивното хоби, производство на храна.

Мирјана е позната по своите мармалади, членка е на Слоу фуд Водно и редовен изложувач на манифестациите посветени на негувањето на традиционалните рецепти и подготовка на храна. Марина, пак, ги прави најинтересните куглофи, мали, средни, големи, чоколадни, со суво овошје, со ароматични зачини…нема што нема. Свекрвата Мирјана вели дека снаата Марина, покрај тоа што секогаш е десна рака за помош, од неодамна и активно ги учи рецептите за мармалад, за во иднина целосно да ја замени.

- Advertisement -

„Имаме куќа на Бабуна и пензионерските денови повеќе од 15 години ги поминуваме таму. Тој предел изобилува со шумски плодови, јагоди, капини, шипка, дренка, а имаме и овоштарник со крушки, јаболки… Производството на мармалад започна за наша употреба, но по првото учество на манифестацијата Ем умеам ем можам, приказната доби нов тек, така што денес прозведуваме околу 2.000 до 3.000 тегли со различни производи, мармалад од шипка, слатко од капина, паста од глог, ем благо ем луто или во превод слатко со чили пиперка, а сега најново се и чили пиперчињата во тегла, кои исто така се наше производство“, вели Мирјана.

Интересот за нејзините традиционално подготвени производи, без додатоци и конзерванси вели дека е многу голем. Купувачите сакаат да се потсетат на вкусовите на детството, на сето она што го подготвувале нашите баби и дури тогаш стануваат свесни за изобилието кое го раѓа македонската почва. И Мирјана работи по принципот на Слоу фуд, локална, здрава храна произведена на традиционален начин. Сета суровина која ја користи, вели дека е од нашите планини, а рецептите се семејни, пренесени од генерација на генерација, дополнета преку годините искуство на Мирјана. Производите се испитани и со дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Advertisement -

„Убавиот глас брзо се шири, па нашите производи брзо се продаваат. Главната ѕвезда секогаш е мармаладот од шипка, кој оди на сите манифестации и дома и во странство и најмногу се бара. Ни бараат и компании, но и граѓани кои еднаш пробале, па сакаат пак, или кои слушнале од некој близок за нашите производи. Ни бараа и невести за на свадба да поделат теглички наместо бонбони, како подароци за Нова Година, за слави“, вели Мирјана.

Нејзината десна рака, снаата Марина, се повеќе се вклучува во производството, а нејзиното влијание се забележува преку воведувањето на нови пакувања со различни големини, спакувани во гајбички или во кутии со четири различни вкусови, нови етикети. Таа ги прави и нејзините познати куглофи, кои можат да се купат во три различни големини. Иако Марина има седум постојани рецепти за куглоф, вели дека варијациите во кои можат да се направат се безбројни.

- Advertisement -

„Не сме свесни колку различни овошја и зачини имаме во земјава. За куглофите употребувам чоколади, суво овошје, ароми и зачини, а калапи за куглоф купувам насекаде каде што ќе патувам. Сега веќе и сите што ми се блиски секогаш кога одат некаде носат по некој калап, па имаме навистина многу избор на форми“, вели Марина.  

Таа ја наследила пасијата на нејзината мајка за подготовка на куглоф за семејството, но и за подарок за блиски. Кога многумина кои го пробале го пофалиле вкусот и побарале нов, Марина сфатила дека може да го произведува за продажба. Уметничката жичка и желбата за декорирање и украсување ги носи од детството, па нејзиниот телефон е полн со слики не само од шарени куглофи, туку и од декорации за Нова Година, за Велигден, украси од дрво, машни, ангелчиња….

Работам со полно работно време, а секој слободен момент го користам да правам куглоф или да и помогнам на свекрвата. Мора да кажам дека голема помош имам и од сопругот, кој редовно помага и сецка овошје, а целото семејство помага кога ќе треба да се дегустира нов вкус“, раскажува Марина. 

Сподели!
- Advertisement -