Светска банка: Економскиот раст во Западен Балкан ќе забрза во 2024 година, но бавно и нееднакво

- Advertisement -

По забавувањето во 2023 година, економскиот раст во Западен Балкан во 2024 година се очекува умерено да забрза и да достигне три проценти во услови на континуирано закрепнување во Европската Унија, главниот трговски партнер на регионот, а пониската инфлација би требало да помогне во подобрувањето на расположливиот доход и да ја поддржи потрошувачката, се вели во новиот Регионален економски извештај за Западен Балкан на Светска банка објавен денес.

Регионалната стапка на раст во 2024 година, иако повисока од 2023, може да биде за 0,1 проценти пониска од она што Светска банка го предвиде во претходното издание на извештајот во месец април. Проекцијата на растот за 2025 година останува непроменета со 3.5 проценти.

- Advertisement -

Закрепнувањето и враќањето на активноста на нивото од пред пандемијата е различно во земјите од регионот. Растот во Црна Гора и во Албанија во 2023 година е посилен од очекуваниот, кој, покрај другите фактори е главно резултат на силната туристичка сезона и може малку да забави во 2024. Растот во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово се предвидува да забрза во 2024 година, поддржан од зголемувањето на потрошувачката и на инвестициите.

И покрај многуте шокови, земјите од Западен Балкан постигнаа раст, создадоа работни места и ја намалија сиромаштијата, што е доказ за силните економски основи на регионот.“ рече Шиаочинг Ју, директорка за Западен Балкан во Светска банка. „Она што охрабрува е дека Западен Балкан и понатаму напредува во приближувањето до животниот стандард во напредните економии од Европската Унија. Меѓутоа, приближувањето се одвива со нееднаква брзина и тоа бара насочени реформи за да се консолидира закрепнувањето при одржлив раст.

- Advertisement -

Во 2023 година, пазарот на труд во Западен Балкан и понатаму продолжи да зајакнува, наспроти сите очекувања. Просечната стапка на вработеност во регионот достигна ново историски највисоко ниво од скоро 48 проценти и нови 103.000 работни места се отворени во регионот во периодот од средината на 2022 до средината на 2023 година. Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора имаа најголеми придобивки. Истовремено, недостигот на работна сила и понатаму предизвикува голема загриженост кај фирмите во Западен Балкан. И покрај моментумот во годините по пандемијата, стапката на активност и понатаму е ниска и заедно со значителниот родов јаз, го ограничува понатамошното намалување на сиромаштијата.

Регионот не само што треба да се справи со бариерите за поголема стапка на активност, туку и да го забрза економското приближување до понапредните економии во Европа, се вели во извештајот. Овие напори треба да бидат дополнети во услови на побрза зелена транзиција и поголеми инвестиции за поттикнување на отпорноста на климатски катастрофи, вклучително и во земјоделството.

- Advertisement -

Земјоделството е еден од секторите најмногу погодени од сушите, скратените годишни времиња и непредвидливите временски услови. Со заштита на земјоделството од природни непогоди и правејќи го поодржливо, би се овозможило земјите од Западен Балкан да ја зголемат продуктивноста во земјоделството и да произведуваат повеќе квалитетна храна за домашни потреби, но и за извоз, вклучувајќи и во ЕУ.“ рече Наташа Рово, виш економист во Светска банка и главна авторка на извештајот. „Тоа бара подобрување на јавните политики и инвестиции за да се подобри широкото усвојување на климатски паметни технологии и практики од страна на земјоделците, со поддршка од јавните институции кои се клучни за одржливиот развој на земјоделството.“’

Иако големината на земјоделскиот сектор во регионот се намалува, тој и понатаму е многу релевантен, на пример секторот вработува помеѓу седум и 35 проценти од населението во овие шест земји. Оттаму, позеленото земјоделство нуди можност за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и отпорноста на секторот преку ефективно користење на јавно достапните средства, знаења и иновации, се вели во извештајот.

(Denar.mk)

(фото: Public Domain Pictures)

Сподели!
- Advertisement -