Преку дигитализација до развој на факторингот и зголемување на извозот
Развојната банка на Северна Македонија, Активноста на УСАИД Партнерства за eкономски раст, Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (спроведени од Паладиум Интернешнел), потпишаа договор за набавка на нов дигитален производ на домашниот финансиски пазар – дигитална алатка за кредитно осигурување.
Целта на оваа соработка е да се одговори на потребите на домашните компании за раст и развој, односно да се олесни пристапот на компаниите до посоодветни инструменти и решенија за управување со финансиите. Ова софтверско решение ќе ја олесни и забрза комуникацијата и ќе им помогне на компаниите поедноставно да ги користат инструментите кои ги нуди Банката за олеснување на трансакции, особено во делот на обезбедување на побарувањата, осигурување на извозот и факторингот. Решението ќе биде поставено на веб-платформата на Развојната банка и целосно прилагодено за употреба од страна на компаниите.
Минатата година, согласно интерната анализа на Развојната банка и потребите за пристап до финансии на приватниот сектор, Банката успешно реализираше кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација, со поддршка од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
Дигитализацијата на еден од клучните процеси на Банката ќе придонесе за директно зголемување на осигурениот извоз, како и извозниот и домашен факторинг. Дополнително, овој процес позитивно ќе влијае врз инвестициите на компаниите и отворањето на нови работните места.
БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ
Развојна банка на Северна Македонија е развојна банка која е во 100%-на сопственост на Република Северна Македонија. Основана е во 1998 година со примарна цел поддршка на домашните микро, мали, средни и извозно ориентирани трговски друштва и зацврстување на конкурентноста на македонското стопанство. Банката ги поддржува домашните компании преку: директно кредитирање и кредитирање преку комерцијалните банки, краткорочно осигурување на извозот на македонски производи и услуги од комерцијални и политички ризици, факторинг во земјата и во странство и издавање гаранции. За повеќе информации за работата на Развојна банка: https://www.mbdp.com.mk/
Швајцарија е искрен и сигурен партнер на Северна Македонија од 1992 година. Дипломатските односи помеѓу двете држави се воспоставени во 1994 година, а од 1996 година започнува Швајцарската програма за развој и соработка во земјата. Од тогаш Швајцарија има инвестирано околу 350 милиони швајцарски франци, еден од најголемите билатерални донатори во земјата, да ги поддржи одржливиот економски раст, заштитата на природата и одржливо управување со природните ресурси, и доброто демократско владеење во државата. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата https://www.eda.admin.ch/countries/north-macedonia и на официјалните страни на Facebook, LinkedIn и Twitter.
Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано над 840 милиони долари во земјава од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук.