Стартап Kлуб Скопје направи вистинска #СтартапРеволуција со финалниот настан „Ден на инвеститори“. На овој настан, инвеститори имаа можност да се запознаат со стартапите кои беа дел од првата инкубаторска програма #ИмамИдеја.
Од отворањето на повикот на 6-ти ноември до 15-ти јануари, добивме над 150 бизнис идеи од различни области како образование, медицина, технологија, архитектура, e-трговија, угостителство и многу други. Огромниот интерес за повикот, ја истакнува потребата од поддршка за иноваторите и потенцијалот на домашната претприемничка заедница.
По приемот на апликациите, беа избрани 24 најдобри идеи кои учествуваа на предселекцискиот настан – Хакатон #ИмамИдеја. Овој настан се одржа на 3-ти и 4-ти февруари 2024 година во мултифункционалниот простор на Стартап Клуб Скопје.
Од хакатонот беа селектирани 12 најиновативни идеи кои продолжија во инкубаторската програма #ИмамИдеја. Оваа интензивна и специјализирана програма започна на 29 февруари со KickOff настан за запознавање со менторите.
За време на програмата, тимовите учествуваа на неделни предавања од значајни ментори на македонската стартап сцена, каде што се обработуваа теми како „Градење на МВП“, „Пивотирање“, „Финансии 101“ и други. Покрај предавањата, се организираа и две работилници за самоевалуација и инвестиции, кои им овозможија на тимовите да стекнат значајно знаење за изградба на успешен стартап бизнис.
На 10-ти jуни, седум тимови успешно ја завршија програмата и ги претставија своите проекти пред полна сала со инвеститори. Премиум партнери на програмата беа ПроКредит Банка, кои обезбедија значителна поддршка за инкубаторската програма, овозможувајќи им на стартапите уникатна можност за мрежно поврзување и презентирање пред инвеститори.
Тимовите кои ги презентираа своите идеи пред инвеститорите беа: Tail, RealWire, AgencyTicket, DIA, Publish Your Game, ExpandUps и Humetnost. Идеите на овие стартапи опфатија различни области како медицина, технологија, е-трговија, угостителство и други.
Со голема возбуда очекуваме да ги видиме понатамошните развои на нивните проекти и ќе продолжиме да поддржуваме нови иновативни идеи. Наскоро, нашите партнери ќе реализираат значајна инвестиција во стартапите, што ќе претставува уште еден доказ за потенцијалот и успешноста на програмата.
Повикот за инкубаторската програма #ИмамИдеја е само потврда дека постои голем интерес за креативноста и иновациите кај младите и постарите генерации. Стартап Клуб Скопје ќе остане централен хаб за стартап идеи во периодот што следува, со цел да го открие вистинскиот потенцијал на новата генерација претприемачи во нашата држава и ќе продолжи да го гради стартап екосистемот.
Бидете дел од Стартап Револуцијата и следете нè на нашите профили на Фејсбук, ЛинкедИн и Инстаграм.