Вие го минавте патот од Лео член (подмладок на лајонс заедницата) до активен лајон (член на клуб во Битола). Колку години „трае“ ова патување и што за Вас значи да се биде хуман лајон?
Сите оние кои ме познаваат добро, знаат дека сум личност која уште од најмали години е општествено и социјално активна. Најпрво како член на културно уметничкото друштво Илинден од Битола, потоа како дел од младинската театарска сцена во Битола, како еден од основачите на фестивалот на современи уметности Акто и продуцент на првите 9 изданија до 2014 година, секако како директор на Центарот за култура од Битола, дел од тимот на Трчај Бе, првата атлетска трка во Битола…е сега Лајонс е дел од оваа моја приказна повеќе од 17 години, некаде од почетокот на 2008 година. Имено, непосредно после формирањето на ЛК Битола, беше поведена иницијатива за формирање на младински лео клуб во Битола, што и се случи во 2008 година, а името на клубот е чистокрвно битолско Лео Клуб Кабадаја. Јас бев претседател на клубот, а јадрото на клубот бевме другари и соработници кои одлично се разбиравме, а веќе бевме во доцните 20 ти години. Лео клубот Кабадаја беше хит со активностите во првата година и сосема природно дојде предлогот да формираме трет Лајонс клуб во нашиот град. Во јуни 2009 година беше формиран Лајонс клубот Кабадаја, со кој оваа година славиме 15 години постоење. Желбата да бидат дел од ова движење е благородната цел на лајоните од целиот свет – да правиме промени и разлика и да помагаме секаде онаму каде што е потребно.
Како успевате да го споите професионалниот живот и хуманоста, која бара сериозен личен ангажман?
Низ целиот професионален работен век, правам вмрежување на активностите, па така и хуманоста преку активностите со Лајонс клубот ми се дел од професионалниот живот. Можеби за некого звучи нескромно, но навистина е така. Ова бидејќи независно од Лајонс, помагам секогаш и секаде каде што можам, дали како директор на ЦК Битола, како потпретседател на КУД Илинден, адвокат, советник во Советот или секретар во Општина Битола, функција која сега ја извршувам.
Што е разликата од индивидуалната и организираната хуманост? Зошто одредена личност е подобро да биде дел од организирана форма на хуманост како што е Лајонизмот?
Тимот е оној кој победува. Тоа е основната разлика. Сите можеме да бидеме одлични индивидуалци, но токму тимот прави разлика. Лајонсите се тимски играчи, а организираната помош секогаш ќе допре до повеќе луѓе, отколку индивидуалната. Ја знаете приказната со прачката, ако е една лесно е да се свитка и скрши, ако се повеќе, односно сноп, тоа нема да се случи. Токму тоа сме ние лајонсите, тим кој прави разлика.
Што е она што Ве инспирира постојано да бидете активен лајон?
Желбата да вложам дел од знаењата, времето и волјата за да помогнам. Со Лео клубот помогнавме на еден студент без родители да студира во Скопје преку подмирување на партиципацијата во целост, а истиот денес е успешен професионалец. Потоа во првата година на Лајонс клуб Битола ја опремивме првата сензорна соба за деца со аутизам во дневниот центар за лица со попреченост во Битола.
Како ја анимирате јавноста за вашите активности и на кој начин, одредена личност може да стане член на Сојузот на лајонс клубови?
Иако скромноста е важна карактеристика, сепак за да се анимираат личности кои би биле дел од лајонс движењето, потребно е јавноста да е запозната со целите, постулатите, начинот на функционирање, но пред се со активностите на лајонс клубовите. За оние кои помалку знаат, лајонсите бројат над 1,3 милиони членови во Светот и после Црвениот крст се најбројната хуманитарна организација со над 100 години традиција, а ние кои сме дел од движењето во Македонија сме горди што придонесуваме и правиме промени како дел од толкава голема и значајна организација.
Што значи GMT координатор во Сојузот на лајонс клубови?
Во превод функцијата координатор за членство во Дистриктот 132 Македонија, за мене беше голема чест, но и обврска. Тимската работа направи годината зад нас да биде успешна, бројот на членови на лајонс движењето кај нас да порасне, формиравме огранок во Битола, а во тек е формирање на огранок и во Тетово. Така нашиот Дистрикт е дек од глобалната цел на лајонс движењето на Светско ниво, бројот на лајони до 2027 година да достигне 1.5 милион.