Започна 16-та меѓународна графичка работилница „Софија“ Богданци

- Advertisement -

Денеска започнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по 16-ти пат ќе се одржи во Богданци. Традиционалната меѓународна графичка работилница е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко. Селекцијата на учесници ја прават академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти. Нивното учество на Графичката работилница е награда за постигнатиот успех за време на студиите.

Графичката уметност во наредните десет дена, во Богданци ќе собере дел од најталентираните млади графичари од факултетите и академиите од Скопје, Загреб, Нови Сад, Ниш, Сараево и Софија. Оваа година ментор на работилницата ќе биде професорката Мирјана Водипија од Академијата за ликовна уметност во Загреб.

- Advertisement -

Уметниците ќе работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат, а делата ќе ги претстават на завршната изложба на 25 Август во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Од основањето до денес, главен поддржувач на графичката работилница е Печатница „Софија“ од Богданци.

Графичката работилница веќе шеснаесет години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, средиште за творештво на многу уметници. Графичката работилница стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот, вели Виктор Семенпеев, претседател на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот.

- Advertisement -

Графичката работилница „Софија“ е меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност. На неа досега учествувале повеќе од 200 уметници, поседува фонд од околу 600 дела, а отворена е во текот на целата година.

Сподели!
- Advertisement -