Пионерски чекор во развојот на телекомуникациската инфраструктура во земјата
Македонски Телеком го постави првиот подводен оптички кабел во Македонија со должина од еден километар, под површината на Дебарско Езеро. Ова е пионерски чекор во развојот на телекомуникациската инфраструктура во земјата и ќе овозможи подобра поврзаност и поквалитетна услуга за корисниците.
„Изградбата на најдобрата мрежа е наш приоритет. Инвестираме во најсовремените технологии и постојано наоѓаме нови и алтернативни начини за ширење на оптичката мрежа. Со поставувањето на овој подводен оптички кабел, ја потврдуваме нашата посветеност да обезбедуваме најквалитетна и најсигурна услуга за нашите корисници и да бидеме чекор пред предизвиците на иднината.“ – изјави Маја Милосавлевска Наумовска, Главен директор за техника и ИТ на Македонски Телеком.
Со овој чекор се зајакнува постоечката мрежна инфраструктура и се отвораат можности за поврзување повеќе базни станици и приклучоци на оптика во Дебарскиот регион, односно населените места Папрадник, Новак, Нерези и Јабланица.
Овој подводен оптички кабел со должина од 1 км обезбедува подобра мрежна стабилност на територија од 6,32 км2 во тој регион.
Подводниот оптички кабел беше поставен во контролирана подводна траса, без копање и измени на околината, а процесот беше завршен брзо и ефикасно, во текот на еден ден, зачувувајќи ја притоа природната убавина на регионот.
Нашите тимови го поставија кабелот со поддршка на специјална нуркачка екипа од Грција, со искуство во поставување подводни кабли за телекомуникациски услуги во рамките на Дојче Телеком.
Овој проект, во кој се користат алтернативни начини за ширење и зајакнување на оптичката инфраструктура, дополнително ја зацврстува позицијата на Македонски Телеком како лидер во примената на нови технологии за најдобри телекомуникациски услуги во Македонија.