Истражувачи од ирачкиот технички универзитет MTU и универзитетот во Јужна Австралија UniSA направија битно достигнување користејќи низа експерименти во кои употребиле 5.260 фотографии за да обучат алгоритми за машинско учење да ја детектираат бојата на јазикот.
Две болници на Блискиот Исток доставиле 60 фотографии од јазиците на пациенти со различни медицински состојби, а моделот на вештачка интелигенција успеал да ја усогласи бојата на јазикот со болеста во речиси сите случаи.
Во студијата објавена во списанието Technologies се опишува како предложениот систем ја анализира бојата на јазикот за да обезбеди дијагноза на самото место, потврдувајќи дека вештачката интелигенција го држи клучот за многу напредоци во медицината.
Главниот автор на студијата и вонреден професор на UniSA, Али Ал-Наџи вели дека вештачката интелигенција реплицира практика стара 2.000 години широко користена во традиционалната кинеска медицина, испитувајќи го јазикот за знаци на болест.
„Бојата, обликот и дебелината на јазикот може да откријат голем број здравствени состојби“, вели тој.
„Типично, луѓето со дијабетес имаат жолт јазик, пациентите со рак имаат пурпурен јазик со густа масна обвивка, а пациентите со акутен мозочен удар имаат црвен јазик со невообичаена форма. Белиот јазик може да укажува на анемија, луѓето со тешки случаи на СОВИД-19 веројатно ќе имаат длабоко црвен јазик, а индиго или виолетовиот јазик укажува на васкуларни и гастроинтестинални проблеми или астма“, вели Ал-Наџи.
Во студијата камерите поставени на 20 сантиметри од пациентот ја снимале бојата на неговиот јазик, а алгоритам со вештачка интелигенција во реално време ја предвидувал нивната здравствена состојба.
Коавторот на студијата и професор на UniSA, Јаваан Чал, вели дека во иднина паметниот телефон ќе се користи за дијагностицирање на болести на овој начин.
„Овие резултати потврдуваат дека компјутеризираната анализа на јазикот е безбеден, ефикасен, едноставен и достапен метод за скрининг на болеста што ги поткрепува современите методи со вековна пракса“, вели Чал.
(Vidi.hr)
(фото: Get Archive)