Инвестициите во нови технологии ја “билдаат“ нашата конкурентност на европските пазари!

- Advertisement -

„Вори“ е семејна компанија oснована од Ѓорги Прошев од Гевгелија, која на пазарот постои веќе 33 години. Денеска речиси целото семејство, од три генерации работи во компанијата на различни позиции заедно со околу 100 вработени. Главна дејност им е производство и продажба на прехранбени производи, од кои 99 отсто се продаваат на пазарите во Европа. „Вори“ произведува преработки од зеленчук, произведен на локалните фарми, а од неодамна, со поддршка од Програмата за претприемачи на фамилијата Битов, промовираа и нови линии на слатки и солени закуски.

Во интервју за Иновативност, Јорданка Ристова, генерален менаџер на „Вори“, објаснува дека компанијата постојано инвестира во нови технологии за да го прошират асортиманот и да го подобрат квалитетот на производите. Ристова смета дека токму овие инвестиции им овозможуваат чекор со модерните текови и конкурентност на пазарите каде што се присутни нивните производи.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Г-ѓа Ристова, вашата компанија „Вори“ од Гевгелија беше дел од Програмата за претприемачи на фамилијата Битов. Кажете ни како дојде до оваа соработка и какво е вашето искуство?

- Advertisement -

За оваа програма дознавме преку електронска пошта кои ни беше испратена директно од фондацијата “Македонија 2025“ и чија содржина за нас беше многу интересна и невообичаена бидејќи се нудеа различни видови на поддршка во зависност од структурата и дејноста на компаниите. Ние се одлучивме да побараме помош од експерт за развој на нови производи поврзани со производите кои веќе со години ги произведуваме и се дел од нашиот асортиман. Пополнивме апликација, ја испративме и за кратко време добивме одговор дека истата ни е одобрена. Следуваше процес на детално запознавање со програмата, одбирање на експерт кој ќе работи со нас, усогласување на термини и обезбедување на соодветната опрема и простор за реализација на планираното производство.

Со експертот г-ѓа Лили Леунг работевме две недели и со големо задоволство можам да кажам дека иако тежок, овој период беше еден од најинтересните за нас. Креирањето на нови производи е долг и сложен процес и бара голема посветеност на сите инволвирани. Од една страна ја имавме г-ѓа Лили која несебично го делеше своето огромно знаење со нас, а од другата страна бевме ние, желни да научиме нешто ново и да креираме производи кои ќе им се допаднат на сите.

- Advertisement -

Какви се резултатите што успеавте да ги постигнете преку оваа програма?

Резултатите се одлични и со гордост можеме да ги претставиме во три групи на најнови производи. Првата група се крцкави бискоти кои ги имаме во солена и слатка варијанта. Солените бискоти се со вкус на ајвар, печени бадеми, маслинки, карамелизиран кромид, нане, маслиново масло и морска сол. Во составот на слатките бискоти неизоставен дел се печени бадеми, смокви, анасон, брусница, какао, портокал и маслиново масло. Заедно, овие две групи на бискоти опфаќаат широк спектар на вкусови во кои секој може да се пронајде.

Втората група на производи се карамелизирани и чоколадирани бадеми со бело, млечно и црно чоколадо. Може да се најдат сите три варијанти во прекрасно дизајнирана кутија или засебно во мали теглички кои се совршен подарок за различни пригоди. Третата група на производи се разни чоколадни пралини направени од бело, млечно и црно чоколадо наполнети со путери од бадеми, лешници и кикирики од сопствено производство, кокос, брусница  и портокал.

Освен овие, какви други продукти произведува „Вори“?

Наш главен производ е ајварот. Во нашиот асортиман може да се најдат класичен и домашен ајвар, ѓувеч, тавче гравче, лутеница, доматни сосови, пиперки, разни традиционални салати како и традиционални слатка. Сите свежи суровини за изработка на овие производи се од локално потекло. Производите се 100% природни, а работењето е по стандардите за квалитет ИФС, ИСО2200 и ХАЦЦП.

Нашето производство е наменето за извоз. Околу 99% од вкупното производство се извезува на странските пазари ширум Европа, а многу мал дел се продава во земјата.

Преработувачката индустрија има долга традиција во земјава. Дали обезбедувањето на квалитетна суровина е предизвик во последните години кога се намалува производството на зеленчук?

Секако, тоа е голем предизвик со кој се соочуваме сите од преработувачката индустрија. Производството на свеж зеленчук од година во година сѐ повеќе се намалува и очекуваме оваа тендеција да продолжи и во иднина. Сѐ уште на ниво на држава имаме голем извоз на свежа црвена пиперка. Во иднина можеби и ова ќе се смени па наместо извоз ќе имаме увоз на земјоделски производи.

Целокупниот процес на производство почнувајќи од откуп, па се до продажба и наплата на готовиот производ, е долг и тешко издржлив. Производството е сезонско и трае три месеци, а продажбата е сукцесивна и се одвива во текот на 12-15 месеци. Нарушената ликвидност поради сезонскиот карактер на производството е исто така проблем со кој се борат преработувачките капацитети.

Дали македонските компании успеваат да се конкурентни надвор од земјата? Освен квалитетниот производ, што е најпотребно за да се привлече внимание на страските купувачи?

Македонските компании од конзервната индустрија имаат квалитетни производи кои се препознаени и барани на странските пазари. Самостојно, но и преку Македонската асоцијација на преработувачи МАП, а со помош на МЗШВ, учествуваме на многу меѓународни саеми каде што имаме одлични можности да ги претставиме производите и да се поврземе со многу нови купувачи. Цената на производот игра многу голема улога во продажбата. На светските пазари се среќаваме со конкуренција од цел свет. Во многу држави самите компании добиваат најразлични стимулации кои го поефтинуваат и го прават поконкурентен нивниот производ. Кај нас стимулации добиваат земјоделците и тоа е одлично. Се надеваме дека оваа пракса ќе продолжи и ќе се зголеми во иднина.

Инвестирате ли во нови технологии? Колку тие се неопходни за опстанок на пазарот?

Од основањето на компанијата, па се до денес, ние континуирано инвестираме во нови технологии со цел проширување и подобрување на квалитетот на производите. Технологијата е двигател на промени и напредок во сите индустрии, па така и во нашата. Новите технолошки решенија овозможуваат оптимизација на работењето, намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста. Правилно насочените инвестиции ни овозможуваат да бидеме поподготвени за идните предизвици како и да развиеме нови стратегии и можности. Сметам дека инвестирањето во нови технологии е клучен елемент за секоја компанија која размислува долгорочно, сака да биде одржлива, но и да расте.

Какви се вашите планови за во иднина?

Во однос на производите кои долгогодишно ги произведуваме ќе се стремиме да ја задржиме и подобриме позицијата што ја имаме на пазарот.

Во однос на новите производни линии се надеваме дека ќе го најдат својот пат до потрошувачите и дека ќе биде препознаен нивниот врвен квалитет, природноста како и нашата огромна посветеност и љубов вткаена во нив.

Оваа прилика ја користам во името на „Вори“ да изразам голема благодарност до фамилијата Битов и фондацијата Македонија 2025 за безрезервната поддршка што ни ја дадоа во овој проект. Нивниот придонес за развој на зедницата преку најразлични проекти што ги спроведуваат нѐ мотивира и ни покажува како со дела се сака и почитува сопствената држава.

Сподели!
- Advertisement -