Tesla официјално откри дека ја тестира својата автономна такси услуга во Остин и дел од Сан Франциско, користејќи напредна FSD (целосно самостојно возење) технологија во надгледуван режим.
Веста беше споделена на платформата X (поранешен Twitter), заедно со промотивно видео кое покажува како би можело да изгледа искуството во возењето. Во соопштението Tesla наведува дека во овој ограничен пробен период веќе се направени над 1.500 возења и поминати повеќе од 24.000 километри.
Услугата моментално е ограничена на група вработени во компанијата кои помагаат при тестирање и развој:
„Оваа услуга ни помага да развиеме и потврдиме FSD мрежи, мобилни апликации, дистрибуција на возила, контролен центар и операции за далечинска помош“, се вели во соопштението на Tesla.
Видеото го прикажува корисничкиот интерфејс на апликацијата, кој наликува на класичните апликации за возење, како што е Uber, каде што корисниците можат да повикаат возило, да го следат неговото пристигнување и да ги гледаат податоците за рутата.
Оваа најава доаѓа откако Илон Маск во квартален извештај го објави лансирањето на услугата за роботакси во јуни. Тој претходно тврдеше дека возилата на Tesla ќе можат сами да се возат до клиентите директно од фабриката, без возач.
Иако Tesla сè уште заостанува зад конкурентите како Waymo (Alphabet) во однос на автономијата без надзор, решеноста на Маск да продолжи со развојот ја зголеми довербата на инвеститорите. Акциите на Tesla пораснаа за 5% после објавата.
Tesla објави пад на профитот од 71% на годишно ниво во првиот квартал од 2025 година, што предизвика пад на довербата на берзата и критики за политичкиот ангажман на Маск.
Сепак, откако тој најави повлекување од Одделот за владина ефикасност (DOGE) и неговото враќање да се фокусира на Tesla, аналитичарите реагираа позитивно..
Иако услугата на Tesla моментално се потпира на „надзор на возачот“, неговата функционалност во реални услови претставува значаен чекор кон целосно автономна иднина. Вистинското прашање сега е, дали Тесла ќе може да го зголеми овој систем на милиони возила ширум светот, без да ја загрози безбедноста и доверливоста?
(Benzinga)