Филип Димковски од “Градината на Филип” е познат љубител на градинарството, а особено на еколошкото производство, во кое, своите зеленчуци, овошки и билки, наместо со хемикалии, ги зачинува со љубов, сонце и вода.
Тој, освен што интензивно работи во својата градина, своето знаење несебично го споделува со сите кои сакаат да започнат своја градина, да се поврзат со земјата и природата и на продуктивен начин да го намалат стресот во урбаното секојдневие. Денеска, Филип е во општествената градина „Бостание“ како предавач на едукативна работилница „Што и како да посадите во вашата градина?“.
Филип, денеска, си предавач на едукативна работилница „Што и како да посадите во вашата градина?“, организирана од „Еко логик“ на која домаќини се општествената градина „Бостание“. Кажи ни нешто повеќе за тоа, како дојде до оваа соработка и што точно ќе ги едуцирате граѓаните?
Пролетта е период од годината во кој интензивно се буди природата, а оваа работилница има за цел да ги разбуди заспаните и да им даде ветер во грбот на веќе рабудените, дека во допирот со земјата се наоѓа човековата среќа, сигурност и слобода. Храната може да биде лек ако е произведена врз принципите на органското земјоделство, а кога сами сме ја одгледале нејзината вредност и корист за нас е уште поголема. Денес преку теоретска и практична настава присутните ќе учат за основните услови за одгледување на зеленчук, за начините на размножување односно за сеидбата и садењето, насоки за изборот на семе и саден материјал, за негата и грижата на растенијата, плодоредот, добрите и лошите соседи во градината, а практично ќе изработуваме сеидбени ленти, а ќе садиме и некои градинарски култури во една од парцелите на општествената градина „Бостание“.

Има ли многу заинтересирани луѓе кои би сакале да се занимаваат со градинарски активности во град? Што најчесто очекуваат и сакаат да добијат со тоа?
Пролетва, вторпат држам еднодневни предавања во Скопје, а двомесечниот онлајн курс кој го држам го завршија веќе две групи. Тоа зборува дека срамежливо, но сигурно, некои луѓе се освестуваат и ја сфаќаат важноста на оваа дејност. Едукацијата што ја нудам е во насока на создавање на градини за сопствени потреби со евентуална можност за мала продажба на вишокот производи или правење нивни преработки, а сето тоа на еколошки начин. Можеби звучи чудно, но луѓето од Скопје, живеејќи во загрозена животна средина, соочени се со многу стрес, немање можности за избирање на квалитетна храна, а често и немање можност ниту знаење сами да ја произведат, се многу поразбудени и пројавуваат многу поголем интерес за градинарство. Луѓето од помалите места, иако имаат многу повеќе можности, на земјоделската дејност гледаат со потценување или се срамат да го работат тоа, или пак мислејќи дека многу знаат, потешко се одлучуваат да дојдат на градинарска работилница. Се надевам и верувам дека тоа ќе се менува.
Кои се бенефитите од создавањето на градини?
Бескрајно е големо задоволството да се види дека од едно ситно семче изникнува растение кое листа, цвета и плодоноси. Чувството на себереалзираност кое го дава градинарството, не се споредува со ниедно друго задоволство. Допирот со земјата е исконски момент за човекот, затоа што таа е нашата хранителка, таа е тлото по кое цврсто чекориме и токму затоа научниците утврдиле дека при допирот со земја се лачи хормон на среќа. Бенефитите се однесуваат на подобрување на психичката состојба затоа што градинарењето опушта и смирува, зголемува физичка активност и дава придобивки во однос на плодовите што ги добиваме. Секој доколку сака, со едукација и со желба може да создаде своја градина без разлика дали таа ќе биде еден балкон, неколку квадрати или еден декар.


Кои растенија најдобро се прилагодуваат и можат да се одгледуваат во град?
Со земја, вода и љубов може да се одгледа сѐ. Нашите предци орале со волови па успевале да обезбедат храна и за семејствата и за продажба. Значи, треба да се сака и да се ослободиме од стравот кон земјоделската работа. Ако ги обезбедиме основните услови, почва, вода, сонце можеме да одгледаме речиси сѐ. Но, сепак не препорачувам балконска или дворска градина доколку дворот односно балконот е изложен на главна улица со многу сообраќај, а особено не доколку нема барем неколку метри заштита со дрворед или жива ограда.
Ти веќе неколку години ја одржуваш и својата градина по еколошки принципи. Кажи ни што одгледуваш и сега, имаш ли нови и интересни приказни од твојата градина?
За мене садењето и сеењето е еднакво со чинот на пишувањето песна или молитвењето. А мај е полн со таква возбуда и со такви медитативни моменти. Вчера правев два нови прмамодели, садев нане, завчера домати, пиперки и модри патлиџани. Во пластеникот доматите, пиперките и јагодите веќе цветаат. Ова е период на многу интензивна работа, а со оглед на тоа што се грижам самостојно за околу 600 метри квадратини, работата е навистина интензивна. Во градината имам околу 30 различни зеленчукови, зачински и цветни растенија, а покрај тоа имам и овошни садници и лозје. Наесен ме чека подигнување на нови овошни насади, но дотогаш градината го има примарното место. Нов и интересен е ској ден во градината. Едвај чекам да отидам за да видам што никнало, што расцветало, што заврзало и секој нов момент е радост и возбуда.

Колку луѓето кај нас се свесни за придобивките на органското производство?
Не сакам да звучам негативно или песимистички, но од многу аспекти забележувам дека голем дел од луѓето ја изгубиле врската со природата. Со самото тоа што не знаат кое растение како изгледа и како расте, ниту се знае кое растение кога природно пристигнува за берба, не може да се зборува за свесност од органското производство. Дури и терминот органско, многупати е само лесно прифатлив маркетиншки трик, а луѓето немајќи сознание околу поимот, лесно „наседнуваат“ на таа замка. Органско производство значи произведување врз основа на еколошки принципи што подразбира исклучиво користење на органски препарати за заштита и прихрана на растенијата, користење на биолошки методи и производство во склад со природата со водење сметка за животната средина. За еден производ да може да се продава како органски, производителот треба да поседува сертификат.
Дали Македонија, освен што има добри временски предуслови и почва, е навистина земјоделска земја? Како уште повеќе да ги искористиме овие предности кои ги имаме?
Со потрошени над една милијарда евра во 2024 година, за увоз на храна, Македонија дефинитивно не е земјоделска држава. Потенцијалот го имаме, но е неискористен заради немањето на стратегија сите овие триесетина години. Имаме и почва и одлични климатски карактеристики, сончеви денови, но недостига работна сила, а најмногу воља, љубов кон земјата и знаење. Токму затоа моите заложби како агроном и едукатор, но и како производител е да се поттикнат луѓето да произведат барем малку за да задоволат барем дел од сосптвените потреби за храна. Тоа е добро и за Македонија и за нејзините жители.


Какви се твоите планови за во иднина, во врска со градината, но и со твоите заложби за едукација на луѓето?
Планирам наесен и во зима, а сега дејствувам 🙂 Ме чека многу работа, како што споменав наесен ќе следи подигнување на нов овоштарник, а потоа и подигнување на нов лозов насад, во меѓувреме расчистувам еден каменест дел од градината и се подготвувам за подигнување на нов пластеник, кокошарникот чека реновирање за конечно повторно да имам кокошки (повесело е со нив). Покрај работата постојано истражувам, експериментирам, читам и учам затоа што сметам дека не може да едуцирате некого ако и самите не сте во постојан процес на дообразба. Продолжувам со курсеви и еднодневни работилници и отворен сум за соработка за сите оние што сакаат да учат за еколошкото производство на сопствена храна.
